
Во јануари пратениците најмалку досега ги образложуваа своите позиции со по два и повеќе аргументи, а најчесто досега во говорите изнесуваа по еден аргумент.
Во овој период тие повторно не успеаја да се разубедат во исправноста на своите аргументи и секој остана во својот „ров“. Во јануари не е забележано дека пратеник ја променил својата позиција поради поквалитетни аргументи изнесени во расправата или од други причини.
Во мониторираните собраниски седници пратениците почесто во дискусиите искажуваа почит кон другите учесници и нивните аргументи споредено со претходните месеци.
Пратениците во јануари беа најактивни во текот на пратеничките прашања и во расправите околу измените на законите за високо образование, за просторно и урбанистичко планирање и за административни службеници.
Опозицијата во Собранието, претставена од 10 пратеници, повторно го зголеми уделот во дискусиите и достигна највисоко ниво досега од 29%.
Голем дел од точките од дневниот ред поминаа со мала и еднострана или без никаква дискусија.
Заклучокот е дека јавноста повторно остана посиромашна за квалитетна дебата за дел од законските решенија при што е испуштена можноста преку дискусија да се тестира валидноста и издржаноста на изнесените аргументи.
Ова се дел од наодите во шестиот извештај од мониторингот на квалитетот на дебатата во Собранието
кој го подготвува Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во рамки на проектот „Собранието под лупа, засилување на политичката дебата и делиберативниот дискурс“ финансиран од Европската Унија. Целосниот извештај за јануари 2015 година можете да го погледнете во прилог, а извештаите од претходните месеци се достапни на линкот: http://www.idscs.org.mk/mk/tekovni-proekti/sobranieto-pod-lupa.