logo

Објавен споредбен преглед на состојбите со корупцијата во регионот

seldi-tirana-1
Share on facebook
Share on twitter

seldi-tirana-1

На 13 и 14 ноември 2014 година во Тирана, Албанија се одржа завршната конференција на Мрежата за лидерство за развој и интегритет на Југоисточна Европа (СЕЛДИ). Конференцијата беше посветена на доброто владеење и антикорупциските предизвици во регионот. Првиот ден беа дискутирани наодите и препораките од следењето на корупцијата и антикорупцијата во југоисточна Европа. Вториот ден беше посветен на превенцијата на корупцијата преку проценка на ризиците за корупција. Конференцијата беше организирана во соработка со Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), Советот за регионална соработка (РЦЦ) и албанското Министерството за локални прашања.

На конференцијата беше промовиран Регионалниот извештај за проценка на корупцијата во Југоисточна Европа кој дава споредбен преглед на состојбите во регионот. Исто така беа презентирани и наодите од националните извештаи за проценка на корупцијата, а посебен акцент беше ставен и на соработката помеѓу граѓанското општество и државните институции со цел креирање и спроведување на ефективни антикорупциски политики.

seldi-tirana-2

Борјан Ѓузелов од МЦМС во своето излагање ги претстави главните наоди од македонскиот Извештај за проценка на корупцијата. Тој истакна дека поради силно изразените социо-економски проблеми, македонските граѓани не ја препознаваат корупцијата како еден од трите главни општествени проблеми. Исто така наодите од истражувањето укажуваат на тоа дека македонските граѓани ја препознаваат корупцијата повеќе како институционален проблем на неефикасна администрација и недоволно спроведување на законите отколку како културен проблем или пак традиционално однесување. Во споредба со резултатите од 2002, изведените индекси покажуваат дека прифатливоста за корупцијата се зголемила, заедно со корупцискиот притисок, додека пак постои намалување на подложноста, распространетоста и исплатливоста на корупцијата. Ѓузелов истакна дека Македонија, слично на другите земји во регионот има релативно солидна правна рамка која што е се уште недоволно и селективно имплементирана. Оттука, беше укажано на потребата од поттикнување на политичката волја со цел институционално гонење на корупциски случаи од високо ниво, како и на потребата од градење на довербата помеѓу граѓаните и институциите. Исто така, беше истакната и потребата од поспецифично дефинирање на антикорупциските политики, со цел нивно ефективно спроведување  во пракса и беше потврдена потребата од силно и компетентно граѓанско општество како значаен коректив на институциите.

Во финалната дискусија, учесниците истакнаа дека граѓанскиот сектор треба да биде не само коректив на институциите туку и корисен извор на експертиза и знаење. Во таа насока беа презентирани и повеќе примери на соработка помеѓу граѓанскиот сектор и државата како и  добрите практики од Србија, Романија и Албанија.

Понатаму, беа дискутирани и повеќе механизми и меѓународни искуства за проценката на ризикот од корупција. Беше претставена и методологијата за антикорупциска проценка на законите, развиена од РАИ и РЦЦ, која има за цел да воспостави дополнителни меѓународни стандарди за развивање на подобри закони со минимален корупциски ризик.

Конференцијата е дел од проектот „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во југоисточна Европа: градење на капацитети за мониторинг, застапување и подигање на јавна свест“ кој е финансиран од Европската комисија, Директорат за проширување. Во проектот се вклучени 17 граѓански организации од девет држави од регионот (Албанија, БиХ, Бугарија, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора, Србија и Турција). Носител на проектот е бугарскиот Центар за изучување на демократијата (ЦСД), а македонски партнери во овој проект, покрај МЦМС се и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје и Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид.

Поврзани објави