kameri-Sobranie

Собранието во информациите објавени во медиумите во октомври најмногу е споменувано во контекст на бојкотот на опозициските партии, пошироките политички случувања, меѓупартиските односи, а незначително се известувало за содржината на дебатата и изнесените аргументи на собраниските седници.

Весниците и телевизиите доминантно го споменувале Собранието во контекст на враќањето на пратениците на ДПА во Собранието, бојкотот на опозицијата предводена од СДСМ и процедурата за одземање на мандатите на избраните опозициски пратеници.

Со ова јавноста не е целосно информирана за дел од случувањата во Собранието кои се однесуваат на темите кои ги разгледуваат пратениците, законите и законските измени кои се донесуваат и аргументите кои се изнесуваат на седниците во прилог или против законските решенија.

Ова се дел од наодите во Вториот извештај од мониторингот (албански јазик) на медиумското известување за работата на Собранието спроведен во периодот од 1 до 31 октомври.

Ова е облакот од најкористените зборови во најавите на телевизиските прилози и во насловите на текстовите во весниците во кои се споменува Собранието. 

OBLAK mediumi oktomvri

Во октомври е забележливо дека во поголем дел од текстовите и прилозите објавени во 10 национални медиуми како извори за Собранието почесто се консултирани пратеници само од една политичка опција, а поретко извори и од власта и од опозицијата. Притоа, за разлика од претходниот мониториран период (јуни-септември) кога во поголем број случаи беа цитирани или пренесени ставови на пратеници од партии кои се дел од собраниското мнозинство, во октомври како извори почесто се јавуваат пратеници од опозициски партии вклучително и избраните пратеници кои не го прифатиле мандатот.

Весниците многу повеќе отколку телевизиите објавувале информации во кои се споменува Собранието. Овој период медиумите на македонски јазик објавувале значително почесто информации во кои се споменува Собранието отколку медиумите кои објавуваат на албански јазик.

Со истражувањето се опфатени објавени текстови и прилози на следните медиуми: Дневник, Утрински весник, Вечер, Слободен печат, Коха, Лајм, Сител, Телма, Алсат-М и МРТ2 програма на албански јазик. Мониторингот е дел од проектот „Собранието под лупа, засилување на политичката дебата и делибератививниот дискурс“ финансиски поддржан од Европската Унија.