performance-budgeting-helsinki-1

Државни службеници од седум министерства и државни институции кои работат на планирање и извршување на буџетот во своите институции учествуваа на студиска посета во Хелсинки, Финска која ја организираа Центарот за економски анализи (ЦЕА) и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС). Студиската посета на тема „Буџетирање базирано на перформанси“, која се реализира на 6 и 7 ноември, ги пренесе искуствата од Финска во сферата на буџетирање по перформанси.

Домаќин на оваа посета беше Министерството за финансии на Финска, а организацијата ја помогнаа Паиви Валкама, резидентен твининг советник на ЕУ Твининг проект: Зајакнување на капацитетите на Министерството за финансии за макроекономска анализа и креирање политики во Министерството за финансии, како и Катју Холкери, раководител на сектор за јавно управување во Министерството за финансии на Финска. Во рамките на студиската посета беше претставена работата на Министерството за финансии на Финска во однос на буџетирањето базирано на перформанси и буџетирање од аспект на Државниот завод за ревизија, Министерството за транспорт и врски и Парламентарната комисија за разгледување на ревизорските извештаи. Лидер на студиската посета беше експертот на ЦЕА, постар економист доц. д-р Борче Треновски, а учесници во студиската посета вклучуваа државни службеници од Министерството за економија, Министерството за локална самоуправа, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фондот за здравствено осигурување, Канцеларијата на народниот правобранител и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.

Преку оваа студиска посета на македонските државни службеници им беше пренесено знаење и искуства како се спроведува буџетирање базирано на перформанси во Финска, како се спровеле буџетските реформи во оваа земја, како се интегрираат системите за управување, односно спроведување на програмата на Владата и буџетскиот процес, како се спроведува парламентарната супервизија, како и државната ревизија врз извршување на буџетот. Како што се изјасни Треновски “Оваа студиска посета ни покажа што не функционира и како може да функционира македонскиот буџетски систем во иднина.“

Оваа студиска посета се реализира во рамките на проектот „Зголемување на транспарентноста и отчетноста преку буџетирање по перформанси” кој го имплементираат ЦЕА и ИДСЦС, а е финансиран од Европската Унија. Целта на проектот е да промовира буџетска транспарентност за отчетно трошење на јавните финансии.

Повеќе информации во врска со проектот можете да добиете кај Марјан Николов на телефон 02/2444 766, на мејл: info@cea.org.mk или посетете ги веб страните www.cea.org.mk и www.idscs.org.mk.

performance-budgeting-helsinki-2