monitoring-na-mediumi

Собранието најмногу е споменувано во медиумите во контекст на пошироките политички случувања, меѓупартиските односи и политичката криза во земјата, а помалку се известувало за содржината на дебатата и изнесените аргументи на собраниските седници. Со ова јавноста не е целосно информирана за дел од случувањата во Собранието кои се однесуваат на темите кои ги разгледуваат пратениците, законите и законските измени кои се донесуваат и аргументите кои се изнесуваат на седниците во прилог или против законските решенија.

Ова се дел од наодите во Првиот извештај од мониторингот за тоа како медиумите известуваат за работата на Собранието во периодот од 19 јуни до 30 септември 2014 година mk al en.

Во овој период забележливо е дека во поголем дел од текстовите и прилозите објавени во 10 национални медиуми како извори за Собранието почесто се консултирани пратеници само од една политичка опција. Притоа, во поголем број случаи се цитирани или се пренесени ставови на пратеници од партии кои се дел од собраниското мнозинство, а поретко пратеници од опозициски партии вклучително и избраните пратеници кои не го прифатиле мандатот.

Весниците многу повеќе отколку телевизиите објавувале информации во кои се споменува Собранието. Весниците кои објавуваат на албански јазик генерално почесто објавувале информации во врска со Собранието отколку весниците на македонски, но весниците на македонски јазик поконкретно известувале од случувањата на собраниските расправи.

Со истражувањето се опфатени објавени текстови и прилози на следните медиуми: Дневник, Утрински весник, Вечер, Слободен печат, Коха, Лајм, Сител, Телма, Алсат-М и МРТ2 програма на албански јазик. Мониторингот е дел од проектот „Собранието под лупа, засилување на политичката дебата и делибератививниот дискурс“ финансиски поддржан од Европската Унија.