
Како да се следи дебатата во Собранието и да се даде оценка за нејзиниот квалитет? Студенти практиканти од правни и политички науки минатата недела во просториите на Институтот за демократија поминаа обука за мониторинг на парламентарна дебата и мониторинг на медиумско известување од работата на Собранието. Обуката ја организираат ИДСЦС и Институтот за централна, источна Европа и Балканот ИЕЦОБ при што практикантите се оспособија за употреба на Индексот за квалитет на дебата преку кој во следните месеци ќе се следат парламентарните расправи во рамки на проектот „Парламентот под лупа, засилување на политичката дебата и делиберативниот дискурс“.

Индексот ќе овозможи оценување на говорите на пратениците според неколку основни индикатори. Едниот од нив е колку народните избраници се почитуваат меѓу себе и колкаво е нивото на почит кон аргументите на своите колеги. Вториот индикатор е колку пратениците ги поткрепуваат своите ставови со аргументи. Tретиот е дали при излагањата говорниците употребуваат форми на недоличен и навредлив говор и четвртиот се однесува на тоа колку пратениците се подготвени да ги менуваат своите позиции и ставови под сила на подобрите аргументи изнесени во расправата.

Во таа насока обуката за мониторите опфати запознавање со основите на делиберативната демократија, проблемите и предивиците во нејзината примена. Вториот дел од обуката ги опфати составот и структурата на Собранието, надлежностите, законодавната постапка и позицијата на законодавната власт во однос на други власти. Третиот се однесуваше на структурата на аргументацијата во говорите и четвртиот беше запознавање со оригиналниот Индекс за квалитет на дебата (Discourse Quality Index) и неговата адаптација за условите во Собранието според кој ќе се следат расправите.

Следењето на говорите на пленарните и на седниците на осум собраниски комисии и нивното кодирање според методологијата која досега е користена во повеќе национални парламенти и во Европскиот парламент ќе трае 10 месеци. Истовремено во рамки на проектот ќе се одвива мониторинг на медиумското известување од собраниските дебати.
Проектот е финансиран од Европската комисија преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права – ЕИДХР.