
Работата на општинската администрација и процесите на јавните набавки се умерено транспатентни додека непотизмот, праксата „услуга за услуга“ и судирот на интереси во работата на општинската администрација се честа појава. Споредено со изминатите години, зацврстена е позицијата на мнозинство граѓани кои не се подготвени да направат отстапки околу името и покрај поддршката за влез во ЕУ а 42% сметаат дека Македонија воошто не е подготвена за членство во Европското семејство.

Ова се само мал дел од наодите од спроведеното истражување на јавното мислење на тема „Перцепции за состојбата со судирот на интереси и проценка на напредокот на Македонија во Европските интеграции“, како дел од проектот „Граѓанска мрежа за спречување на конфликт на интереси во јавната администрација“. Целокупното истражување беше презентирано на 22 мај 2014, со почеток во 11 часот во хотелот „Квинс“. Презентацијата на истражувањето беше проследена со јавна дебата насловена „Македонија на патот кон Европската унија: моментални перцепции на граѓаните“ на која земаа учество истакнати домашни експерти за Европските интеграции.

На настанот, најпрво Јован Близнаковски од Институтот за демократија СОЦИЕТАС ЦИВИЛИС Скопје (ИДСЦС), го претстави проектот „Граѓанска мрежа за спречување на конфликт на интереси во јавната администрација“ кој е овозможен со финансиска поддршка на Европската Унија преку програмата IPA Civil Society Facility, а е имплементиран од трите партнерски организации, Институтот за демократија СОЦИЕТАС ЦИВИЛИС Скопје (ИДСЦС), Охрид Институтот за економски стратегии и меѓународни односи (ОИ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ).
Во продолжение, Владимир Мисев, претседател на ИДСЦС, ги претстави главните наоди од истражувањето на јавното мислење „Перцепции за состојбата со судирот на интереси и проценка на напредокот на Македонија во Европските интеграции“. Извештајот од целосното истражување ќе биде достапен на веб-страницата на ИДСЦС (www.idscs.org.mk) во текот на следната недела.