idscs logo

Институтот за демократија СОЦИЕТАС ЦИВИЛИС – Скопје (ИДСЦС) ве поканува на промоцијата на студијата за јавна политика „Локални јазични политики за немнозинските заедници: можности за поефективна имплементација“. Промоцијата ќе се одржи на 30 април 2014 (среда), со почеток во 13 часот, во просториите на ЕУ Инфо центарот во Скопје.
На промоцијата ќе биде презентирана студијата за јавна политика изработена врз база на истражувањето спроведено од ИДСЦС во периодот ноември 2013 – април 2014. Студијата нуди сеопфатна слика за состојбата во поглед на остварувањето на правото за користење на мајчиниот јазик во службена употреба за припадниците на немнозинските заедници на локално ниво. Освен што ја прикажува генералната слика за 31 единицa на локалната самоуправа кои користат повеќе од еден јазик во службена употреба, студијата презентира и длабинска анализа на состојбата во шест студии на случај: Градот Скопје и општините Куманово, Гостивар, Чаир, Студеничани и Долнени. Врз база на истражувачките наоди, во студијата се формулирани препораки за засегнатите страни насочени кон поефективна имплементација на локалните јазични политики.
Службената употреба на јазиците на немнозинските заедници на локално ниво претставува уставно право на граѓаните на Република Македонија, уредено со член 7 од Уставот на Република Македонија. Повеќе од една третина од единиците на локалната самоуправа се обврзани да овозможат службена употреба на барем еден од јазиците на немнозинските заедници, а некои од нив по своја иницијатива тоа го прават и за повеќе јазици. Сепак, постојат значителни индикации дека локалните јазични политики се често жртва на имплементациски дефицит поради недостиг на финансиски и човечки ресурси. Истовремено, спроведувањето на македонските јазични политики не е доволно истражувано од граѓанските организации и академската заедница. Со публикувањето на студијата „Локални јазични политики за немнозинските заедници: можности за поефективна имплементација“, ИДСЦС има за цел да ја поддржи имплементацијата на членот 7 од Уставот во делот на службената употреба на јазиците на немнозинските заедници на локално ниво, но и да ја пополни истражувачката и застапувачката празнина во овој сегмент на јавната политика.
Промоцијата се спроведува во рамки на проектот „Локални јазични политики за немнозинските заедници: алатки за поефективна имплементација“, спроведен од ИДСЦС, а поддржан од Словачкиот и Балкански фонд за јавни политики (Slovak and Balkan Public Policy Fund).

Агендата за настанот може да ја симнете на овој линк.