Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија Социетас цивилис ‐ Скопје (ИДСЦС) во февруари 2013 г. започнаа повеќе заеднички активности за локалните избори 2013, кои вклучуваат истражувања, набљудување на изборните програми и кампањи, на медиумите, на изборната администрација и на денот на гласањето. Како почетна активност беше испитано јавното мислење за карактеристиките кои ќе влијаат на нивниот избор на градоначалник и советничка листа. Граѓаните беа запрашани за вредностите кои треба да ги поседува кандидатот за градоначалник за кој ќе гласаат тие, потоа за неговата професија, етничката припадност и сл. Испитувањето на јавното мислење е направено преку телефонска анкета на 13 и 14 февруари 2013 г. на репрезентативен примерок од 425 испитаници со +/‐ 5 % грешка. Популациската рамка на примерокот беше население постаро од 18 години, а критериумите за репрезентативност беа: пол, возраст, етничка припадност и изборна единица. Од 425 испитаници, 49,7 % беа жени, а 50,3 % мажи, во однос на етничката застапеност 70,0 % од испитаниците беа Македонци, а 24,9 % Албанци, додека другите етнички групи беа застапени со 5,1 %. Во извештајот незначително малцинство се употребува за одговори помалку од 10 % од примерокот, мало малцинство за 11 % до 30 %, малцинство за 30 % до 50 %, мнозинство за 51 % до 70 % и големо мнозинство за повеќе од 70 %. Во извештајот не се прикажани социо‐демографските анализи поради малото учество на поединечните социо‐демографски групи во националниот примерок.
Целосниот документ може да го најдете на следниот линк: http://idscs/profilot-na-mojot-gradonachalnik.pdf