Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во согласност со својата мисија и во рамките на редовните програми и активности, ги следи и анализира актуелните општествени случувања, прави истражувања и предлага решенија за проблемите. Овој осврт е посветен на едно од тие актуелни прашања – политиките на реинтеграција, во случајов на поранешните учесници во конфликтот од 2001 година.1 Непосреден повод беше поднесувањето до Собранието на предлог-закон за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства, во јавноста познат и како „Закон за бранителите“.2 Постапката на донесување на законот и дебатата околу него повеќе од два месеци креираат тензии на етничка основа, а решение не се наѕира. Овој осврт има за цел да придонесе во надминувањето на проблемот, со воведување елементи на споредби со меѓународните практики и перцепциите на јавноста. Дел од анализата, во делот на истражувањето на јавното мислење, е направена во соработка со Институтот за демократија Социетас цивилис (ИДСЦС) од Скопје.
Целосниот документ може да го најдете на следниот линк: http://idscs/zakonot-za-branitelite-kratok-osvrt-na-politikite-za-reintegracija.pdf