Граѓаните на Република Македонија го поврзуваат зачленувањето во НАТО со подобрувањето на животниот стандард и општиот напредок на земјата. Јасната перспектива за членство во НАТО обезбедува јасни насоки за официјалната надворешна и безбедносна политика, го зајакнува процесот на реформи и обезбедува недвосмислена поддршка од јавноста за реформите и зачленувањето во НАТО. Ставовите на јавноста во Република Македонија кон НАТО се во директна корелација со политиката и односот на Владата кон Алијансата. Безбедносните прашања и кризи во регионот и во Република Македонија имале своја негативна рефлексија во ставовите на јавноста кон НАТО. Но по стабилизацијата на безбедноста и зацртувањето на силна евро-атлантска ориентација на Република Македонија, Алијансата ужива континуирана и силна поддршка од јавноста, која во последно време се граничи со еуфорија. Од денешна перспектива јавноста во Република Македонија ја поддржува идејата за членство во НАТО не само заради подобрување на безбедноста, туку и заради подобрување на општествената и економската ситуација во државата, што е директна придобивка на процесот на евро-атлантски интеграции.
Извештајот од испитувањето на јавното мислење може да го најдете на следниот линк: http://IDSCS-Policy_Brief_Public_Opinion_in_Macedonia_on_NATO_MKD.pdf