logo

Јавните претпријатија трошат наши пари и затоа е важно да ги управуваат најдобрите

Share on facebook
Share on twitter

Замислете дека сте во продавница со намера да си купите зимска јакна. Ви се допаѓа јакна која чини 3.000 денари и решавате да ја купите мислејќи дека имате доволно пари во вашиот паричник. Ја земате јакната и одите на каса да ја платите, но кога го отворате паричникот гледате дека половина ви недостасуваат.

Тогаш ви текнува дека парите ги потрошивте претходната вечер во ресторан со пријателите и сфаќате дека недомаќински ги трошите и распределувате парите што ги имате во вашиот буџет. Останувате без јакна и освен што ви е ладно се чувствувате виновно и сфаќате дека мора нешто да преземете за да можете да подобро и поорганизирано да ги трошите вашите заработени пари.

Исто е и со јавните претпријатија со таа разлика што тие трошат јавни (ваши) пари и последиците од нивното работење влијаат на многу луѓе. А одговорните за трошењето на парите со кои располагаат јавните претпријатија се директорите и членовите на управните и надзорните одбори.

Управните одбори ја одредуваат насоката на претпријатието, а надзорните одбори треба да ја контролираат законитоста во работењето. Затоа, потребно е овие лица да имаат соодветно искуство кое ќе придонесе во доброто управување со претпријатието, подомаќински да се трошат парите на граѓаните, а со тоа и да се зголеми квалитетот на услугите кои треба да ги пружат.

Но ситуацијата на терен е поинаква. Истражувањето кое Институтот за демократија го спроведе во 2018 година покажа дека постои недостиг на соодветно искуство кај овие две управувачки структури – 43% од членовите на управните одбори немале искуство во соодветната област, а  само 28% од членовите на надзорните одбори се правници или економисти – потребните области на образование за соодветна контрола врз материјалното и финансиско работење.

Овие раководни структури најчесто се пополнети од партиски луѓе, без особени квалификации да учествуваат во управувањето на претпријатијата. А кога управните и надзорните одбори се нестручни тие претставуваат пречка за остварување на работата на претпријатието.

Промената на Законот за јавни претпријатија ќе овозможи изборот на управувачките структури да биде насочен кон потребното претходно искуство и способности на кандидатите во соодветната област, за тие да можат правилно да го управуваат претпријатието.

Затоа, како што вие сте загрижени дека несоодветно сте ги распределиле вашите пари и немате доволно за она што ви е неопходно, така управувачките структури треба да внимаваат како ги трошат јавните пари бидејќи така придонесуваат за задоволството или незадоволството на граѓаните од јавните услуги.

 

Проектот „Кон добро управување во државните претпријатија и независните тела” (Improved good governance of state owned enterprises and independent state bodies) го спроведува Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и е финансиран од Обединетото Кралство преку Владата на Обединетото Кралство.

Поврзани објави