Собранието под лупа: Како дебатираа пратениците од јули до октомври 2016

Собранието под лупа: Како дебатираа пратениците од јули до октомври 2016

Анализи /Извештај од набљудување /Област /Парламент /Публикација

Институтот за демократија преку проектот „Собранието под лупа“ работи на исполнување на својата мисија за поддршка на развојот на демократските процеси преку промоција на креирање на политики базирани на истражување, анализи и консултација со засегнатите страни. Во таа насока можеме да заклучиме дека Собранието во последниот период од мандатот на претходниот состав не придонесе доволно кон унапредување на овие важни вредности кои се заеднички за секое демократско општетство.

Според начинот на носењето на одлуките парламентот остана форум во кој спротиставените политички опции од почеток до крај не ги менуваат своите позиции без разлика на искажаните аргументи. Притоа во 50% од случаите говорниците воопшто не ја признаа ниту вредноста на аргументите на своите противници, а во 43% воопшто не се осврнаа на аргументите.

Говорниците почесто одбираа да одговараат само на дел од аргументите, а друг дел да ги игнорираат или да ги извртуваат тезите отколку директно да се соочат со нив. На пратениците од опозицијата отпаѓаат 71% од случаите кога пратеници директно одговараа на упатени аргументи. На пратеници од мнозинството отпаѓаат 71% од дискусиите во кои говорниците целосно ги извртуваа тезите од  аругментите.

Во овој период се зголеми аргументираноста на дискусиите што во најголем дел најверојатно се должи на поголемиот процент на говори поради подолгото време за дискусија кое пратениците го имаа на располагање во двете буџетски расправи. Повеќе од два аргументи се идентификувани во 9%, два аргументи во 13% и еден аргумент во 42% од дискусиите што е највисоко ниво споредено со сите претходни набљудувани периоди. Притоа опозициските пратеници имаат поголем удел во сите степени на аргументација.

„Собранието во овој период пропушти повеќе можности да придонесе кон повеќе прашања од голем јавен интерес. Пратениците најмногу дискутираа за јавните финансии, за ребалансот на Буџетот за 2016 година и Буџетот за 2017 година. Потоа околу поплавата во скопскиот регион која однесе над 20 животи , а на трето место е извештајот од работењето на Специјалното јавно обвинителство. Меѓутоа непријателскиот однос помеѓу политичките противници резултираше овие дискусии да завршат без поширока прифатеност и вклучување на различни ставови. Пратениците не успеаа да ја извршат надзорната функција во случајот кога требаше да одржат надзорна расправа за справувањето со последиците од невремето. Со тоа пратениците можеа повеќе да придонесат кон нормализација на политичката состојба“ вели Јане Димески, координатор на проектот.

Пратениците почесто изразуваа различни форми на непочитување кон личноста на своите колеги од спротивните политички опции, отколку кон нивните аргументи. Почитување е искажано само во 4% од случаите, а делумно почитување во дури 39% од случаите. Во 6% е забележано целосно непочитување, односно говорниците во своите дискусии употребија навредлив говор и изрази или напади кон личноста или партијата на други пратеници.

Тоа често ја поткопуваше можноста за создавање на атмосфера за конструктивна дискусија која е потребна за рационална дебата и разгледување на аргументите со цел носење на што е можно подобри одлуки.

Препораки за подобрување

Институтот за демократија во насока на остварување на доброто управување, владеењето на правото и засилувањето на  партиципативната политичка култура смета дека новиот состав на Собранието има можност сериозно да придонесе кон унапредувањето на овие цели во општеството.

Препoраките кои произлегуваат од досегашното следење и набљудување на парламентарната дискусија се дека пратениците можат значително да придонесат кон нормализирањето на политичката состојба и атмосфера во Собранието доколку:

  • Користат повеќе аргументи во дискусиите.
  • Повеќе се фокусираат кон анализа на аргументите, отколку кон личноста на пратениците.
  • Се воздржат од искажување на различни форми на непочитување.
  • Повеќе се фокусираат кон соработка и решавање на прашањата и проблемите во најширок јавен интерес.
  • Се отворат кон предлози и консултации со граѓанското општетство.
  • Ја засилат законодавната иницијатива.
  • Повеќе се фокусираат кон надзор на работата на извршната власт.
  • Го намалат бројот на акти кои се разгледуваат во краток временски период.
  • Иницираат промени во Деловникот во делот на зголемување на правото говорниците да можат подолго и почесто да дискутираат.

Целосниот извештај е достапен на следните линкови на македонски и албански јазик:

Извештај од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието (јули  – октомври 2016)

Raport nga monitorimi i cilësisë së debatit në Kuvendin (korrik – tetor 2016)

Собранието под лупа: Како дебатираа пратениците од јули до октомври 2016

Share