Собранието под лупа: Како дебатираа пратениците од декември 2015 до април 2016

Собранието под лупа: Како дебатираа пратениците од декември 2015 до април 2016

Анализи /Добро владеење /Извештај од набљудување /Област /Парламент /Публикација

Во периодот од 1 декември 2015 до 6 април 2016 набљудувачите анализираа вкупно 1542 дискусии на пратеници во Собранието кои беа изнесени по однос на 51 точка од дневниот ред кои влегуваат во темите владеење на право, демократија, човекови права, отчетно и транспарентно владеење.

Анализата на овие дискусии која се спроведува според повеќе критериуми како што е степенот на аргументираност на дискусиите, отвореноста за евентуално менување на ставовите и за аргументите на другите говорници, како пратениците одговараат на упатени аргументи од други учесници на седниците и каков е односот на говорниците кон другите пратеници и нивните аргументи ги даде следните заклучоци за квалитетот на парламентарната дебата:

Пратениците најинтензивно дискутираа на следните четири теми: „Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2015“ со 282 дискусии, „Информација за енормното загадувањето на амбиентот воздух“ – 254 , „Интерпелација за работата на министерот за здравство Никола Тодоров“ – 146 и „Предлог на одлука за избор на претседател, заменици и членови на Анкетна комисија за скандалот со фабриката за фалсификување на лични карти, пасоши, афери и друго“ со 119 дискусии.

Најголемиот дел од дискусиите – 77% отпаѓаат на реплики и контрареплики, а 20% на говори што укажува на интензивна интеракција меѓу пратениците од различните политички блокови.

Според степенот на аргументираност најчести се дискусиите со по еден аргумент – 29% и тие во кои пратениците не дадоа никакво образложение околу темите на дискусија – 29%. Потоа следат диксусии со слабо образложение – 27% во кои постои некакво образложение, но не е забележан целосен аргумент.

Поголем дел од дискусиите отпаѓаат на опозициски пратеници – 55%, а помал од страна на пратеници од владејачкото мнозинство – 45%.

Повторно, пратениците останаа затворени за туѓите аргументи и можноста за менување на својата позиција. Не е забележан случај на пратеник кој укажува дека ќе ја промени својата позиција поради аргументи изнесени од пратеници од друга политичка опција.

Пратениците генерално беа насочени кон дискусија со своите политички противници во собранието и скоро не се осврнуваа кон своите сопартијци.

Кога одговараат на аргументи кои им ги упатиле други говорници почесто делумно или целосно ги извртуваат или игнорираат отколку што директно одговараат на нив. Во овој период е забележано дека пратениците само во 16% од случаите директно одговориле на аргументи упатени до нив од други пратеници.

Опозициските пратеници почесто директно одговарале на упатените аргументи 60%, а на пратениците од мнозинството отпаѓаат поголем дел од случаите кога говорниците целосно ги игрнорираа аргументите – 59% или кога ги извртуваа аргументите упатени до нив – 67%. На опозиционерите отпаѓаат нешто поголем дел од случаите во кои пратениците на упатените аргументи одговараат делумно, а делумно ги извртуваат или игнорираат – 53%.

Кон личноста на пратениците од спротивставените политички опции пратениците во 44 случаи искажаа целосно непочитување што значи дека упатувале напади и навреди кон личноста на други пратеници или кон нивната партија. Овие случаи подеднакво отпаѓаат на пратеници и од мнозинството и од опозицијата. Најмногу вакви случаи се забележани при дискусијата за Предлог на одлука за избор на претседател, заменици и членови на Анкетна комисија за скандалот со фабриката за фалсификување на лични карти, пасоши, афери и друго„ – 24 и интерпелација на министерот за здравство – 9 случаи.

Во прилог ви го доставуваме целосниот извештај од набљудувањето на дебатата во Собранието на македонски и албански јазик.

Македонска верзија

Албанска верзија

Собранието под лупа: Како дебатираа пратениците од декември 2015 до април 2016

Share