fbpx
logo

Помалку бариери, повеќе можности: Реформи за ветер во грб на малите бизниси

РЕФОРМСКАТА АГЕНДА 2024–2027: АНАЛИЗА НА ОБЛАСТА РАЗВОЈ НА ПРИВАТНИОТ СЕКТОР И ДЕЛОВНОТО ОПКРУЖУВАЊЕ

 

Годишно, во земјава се основаат повеќе од 6.000 нови компании. Најголем дел од нив се микро бизниси преку кои млади луѓе се обидуваат своите идеии и визии да ги претворат во успешна приказна. Но, добрата идеја, посветеноста и ентузијазмот, често пати не се доволни инпути за креирање компанија која ќе расте, ќе се развива и ќе креира работни места. Патот од идеја до одржлив бизнис е исполнет со сериозни пречки.

Еден од првите предизвици со кои се соочуваат малите бизниси е пристапот до лесно достапни и поволни финансиски средства за инвестиции во развој и нови технологии. На списокот проблеми со кои се соочуваат компаниите се и административните бариери, неефикасните и спори јавни услуги, потребата за полесен пристап до иновации и дигитализација на процесите.

Иако малите и микро претпријатијата сочинуваат речиси 99% од приватниот сектор, тие се најизложени на трошоци, бирократски процедури и ограничен пристап до финансии. Во пракса, често важи правилото дека колку е помала фирмата, толку е потешко да преживее.

 

Photo: Unsplash

„Најчест и најзначаен проблем е пристапот до финансии. Ограничениот пристап до финансиски средства значи недоволна ликвидност, ограничена можност за инвестиции и раст, како и потешкотии при навремено сервисирање на обврски. Дополнително, административните бариери и бирократските процеси кои сè уште се присутни во јавниот сектор значат изгубено време, дополнителни трошоци и, за жал, обесхрабрување за многу претприемачи. Кога на сето ова ќе се додадат и бавните јавни услуги, како добивање дозволи, лиценци или одговори од институциите, станува јасно зошто важи правилото дека „колку е помала фирмата, толку е потешко да преживее“. Малите фирми немаат „луксуз“ од резерви, кадар или време да чекаат и да се прилагодуваат“, вели Горан Ѓорѓиевски, претседател на Сојузот на стопански комори.

 „Ако сакаме повеќе стартапи насочени кон иновации и нови технологии, мора да изградиме систем кој ги охрабрува, не само да започнат, туку и да и им обезбеди услови за раст. Прво, потребни се локални фондови и инфраструтура за поддршка на напредни технологии во форма на грантови, поголема вклученост на ризичен капитал, за младите компании да имаат финансиска сигурност“, вели Игор Маџов, програмски директор на „Стартап Македонија“.

 Сите овие проблеми, но и решенијата за нивно надминување се мапирани во Реформската агенда на Северна Македонија 2024 – 2027, конкретно во областа Развој на приватниот сектор и деловното опкружување. Преку седум реформи и 36 чекори, предвидени се низа конкретни активности кои треба да придонесат за креирање поповолна клима за започнување бизнис, но и можности за одржливост на бизнисите базирани на раст, развој и иновации. Во овој текст ги анализираме клучните реформи и како нивното успешно спроведување ќе им даде ветер во грб на малите бизниси, а во исто време ќе ја поттурне целокупната домашна економија.

 

ПОЛЕСЕН ПРИСТАП ДО КАПИТАЛ: СВЕЖИ ПАРИ ЗА СВЕЖИ ИДЕИ

 

Пристапот до пари, особено за микро, малите и средните претпријатија, честопати е главна пречка за целосно искористување на нивниот потенцијал. Оваа група компании многу потешко доаѓа до финансиска поддршка преку традиционалните канали, во споредба со големите компании.

Реформската агенда предвидува два клучни чекори за да осигура полесен пристап до кредитирање за микро, малите и средните претпријатија – зголемување на државните кредитно – гарантни шеми и нематеријален колатерал како гаранција за заеми. Првиот чекор предвидува државата да го зголеми учеството во заемите каде таа гарантира за позајмицата на фирмите. Тука, Реформската агенда содржи конкретни и прецизни цели. Во декември 2023 година износот на државните кредитно – гарантни шеми бил 25 милиони евра, а бројот на издадени гаранции достигнал 299. Целта е до крајот на 2027 година оваа сума да се зголеми за 35% односно да изнесува најмалку  35 милиони евра, а корист од мерката да имаат барем 404 компании.

„Олеснувањето на пристапот до заеми за малите и средните претпријатија преку кредитно –  гарантни шеми ќе обезбеди подобар пристап до финансирање, зголемени инвестиции во раст и проширување на бизнисите, отворање нови работни места и поттикнување на економскиот раст“, порачуваат од Министерството за финансии.

Според Ѓорѓиевски од Сојузот на стопански комори, овој инструмент може да биде мошне корисен, но клучен предуслов за тоа е да биде достапен, транспарентен и јасно комунициран со целната група компании.

„Во моменталната пракса, бројот на компании кои успешно пристапиле до овие фондови е ограничен. Причината не е недостиг на интерес, туку недоволна информираност, сложени критериуми, и отсуство на водство низ процесот. За многумина, овие фондови остануваат недостижен инструмент, наместо реална можност за поддршка. Токму затоа, клучниот чекор е заедничко дејствување – од државните институции, деловниот сектор, коморските здруженија и самите претприемачи.“

 

Photo: Unsplash

Вториот чекор се однесува на можноста брендовите, лиценците и интелектуалната сопственост да се користат како залог за позајмици. Ова е особено важно за стартап компаниите кои немаат значителен имот како објекти, земјиште, опрема, возила, кој би можеле да го искористат како гаранција пред банките.

Од Министерството за финансии велат дека оваа опција е веќе достапна за компаниите: „Мапирањето на регулативата покажа дека нема правни ограничувања за користење нематеријални средства (патенти, трговски марки, авторски права и др.) како колатерал, што значи дека малите и средните претпријатија веќе можат да ги користат за обезбедување кредити.“

Со цел дополнително олеснување на финансискиот и административниот товар врз компаниите, мерките и чекорите од Реформската агенда предивидуваат и оптимизација на парафискланите давачки и дигитализација на дел од процесите.

 

ДИГИТАЛИЗАЦИЈА ЗА ПОЕДНОСТАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА

 

Административните лавиринти во јавните институции се место каде компаниите со години губат драгоцено време и финансиски средства. И бизнис секторот, но и голем број меѓународни извештаи постојано ја потенцираат потребата од поедноставување на процедурите, пред сè со цел да се зголеми економската предвидливост за компаниите.

Реформската агенда содржи конкратна мерка која предвидува првично да се мапираат 100 административни постапки кои се најчести и најважни за компаниите, а потоа најмалку 50% од нив барем за половина да ги намалат чекорите, времетраењето и потребните документи.  На пример, ако сега за добивање одредена дозвола се потребни осум чекори, четири месеци и 20 документи, по спроведувањето на реформата, истата дозвола да може да се извади во само четири чекори, за максимум два месеца и со не повеќе од 10 документи. За да се постигне оваа цел, предвидено е да се креира дигитален регистар, во кој сите трошоци за фирмите на централно и локално ниво ќе бидат јавно и јасно достапни.

 

Photo: Unsplash

Од Министерството за економија и труд, кое е надлежно да ја спроведе оваа реформа, информираат дека во тек е анализата за идентификување на 100 административни процедури кои најчесто ги користат малите и средните претпријатија.

„Ова е прв и најважен чекор од оваа реформа и затоа побаравме подршка од Министерството за дигитална трансформација, како и информаци од стопанските комори. После оваа фаза следи идентификација на постапките  за поедноставување и пилот-тестирање на подобрените верзии. Оваа мерка е со рок до декември 2025 година, и очекуваме во рамки на грејс периодот да се обезбеди целосна имплементација и поедноставување на процесите. Тоа ќе придонесе за намалување на административниот товар и поголема ефикасност и транспарентност, што директно ќе ја подобри бизнис климата и ќе го поттикне растот на малите и средните претпријатија.“

 

ИНОВАЦИИ, ПАМЕТНА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИЈА И ЛОКАЛНА ИЗВОНРЕДНОСТ

 

Можеби зборовите од овој поднаслов звучат како нешто далечно и недостижно, но одржливоста и конкурентноста на македонската економија во голема мера зависи токму од овие три категории. Поддршката на иновациите и добрите бизнис идеи има значајно место во Реформската агенда 2024 – 2027.

Еден од главните чекори во овој сегмент е отворање два центри за локална извонредност најдоцна до крајот на 2027 година. Станува збор за еден вид технолошки центри кои треба да овозможат услови за истражување и развој на нови иновациски производи. Целта е од овие два центри придобивки да имаат најмалку 50 компании.

„Центрите за локална извонредност можат да бидат клучниот потпорен столб за развој на иновациската клима во Македонија. Тие не се само простори за работа, туку и јазли каде универзитети, компании и стартапи соработуваат, каде се пренесува знаење и се тестираат нови идеи. Но, за тие центри да бидат вистински функционални, потребна е поголема инфраструктурна поддршка – модерни лаборатории, технолошки паркови со co-working простори, дигитални и зелени хабови. Притоа, мора да учиме од успешните примери од соседството, каде за секое вложено 1 евро во центри за извонредност, економијата добива назад 5 евра. Таквиот мултипликативен ефект е јасен доказ дека инвестицијата во овие центри е инвестиција во иднината на македонската економија“, вели Игор Маџов од „Стартап Македонија“.

Втор клучен чекор во сегментот иновации е Стратегијата за паметна специјализација. Овој документ веќе постои и со успешна имплементација треба да придонесе за поттикнување зелен и одржлив раст преку интегрирање знаења, иновации и технологии. Стратегијата издвојува четири приоритетни области во кои треба да се инвестираат време, енергија и ресурси, и тоа: Паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност, Информатички и комуникациски технологии, Електро-машинска индустрија (Индустрија 4.0) и Одржливи материјали и паметни згради.

 

Photo: Unsplash

Според професорот на Машинскиот факултет во Скопје, Атанас Кочов, кој е еден од авторите на Стратегијата за паметна специјализација, неопходно е да се исполнат пет предуслови, со цел таа да стане применлива алатка за трансформација на економијата, а не само документ на хартија.

„Првиот предуслов е институционална рамка и координација односно јасна распределба на одговорности помеѓу министерства, агенции и универзитети. Потоа, функционален систем за иновации – поддршка на истражување, развој и трансфер на технологии преку фондови и програми. Инклузивен дијалог со стопанството односно редовна вклученост на стопанските комори, мали и средни компании и стартапи во креирање политики. Инвестиции во човечки капитал преку образовни програми и обуки кои ќе обезбедат кадар со дигитални и зелени вештини. И последно, пристап до финансии и европски фондови – создавање механизми за софинансирање и користење на ЕУ програми како Horizon Europe.“

Спроведувањето на овие реформи има клучна улога за зајакнување на иновациите, поддршка на зелена и дигитална транзиција, поголемо вреднување на знаењето и забрзување на трансферот кон технолошки и социјални иновативни решенија.

 

ЕФИКАСНИ ИНСПЕКЦИИ ЗА ФЕР КОНКУРЕНЦИЈА

 

Една од најважните работи за секоја компанија, која работи чесно и согласно правилата, е правната сигурност и фер условите за водење бизнис. Но, податоците укажуваат дека има голем простор за подобрување на состојбата на терен. Сивата економија надминува 30% од БДП, а последните податоци покажуваат дека околу 60.000 лица во земјава вршеле нерегистрирана дејност, пред сè во секторите земјоделство, градежништво и туризам.

Со цел да се зајакне борбата против неформалната економија, Реформската агенда предвидува зголемување на бројот и ефикасноста на инспекциите на Државниот инспекторат за труд и на Државниот пазарени инспекторат. Во периодот од 2020 до 2023 година, трудовиот инспекторат спровел 4.817 инспекции, а пазарниот инспекторат 477 инспекции. Од Министерството за економија велат дека првичниот таргет за зголемување на овие бројки, чиј краен рок беше јуни годинава, е успешно постигнат.

„Во делот на инспекциските надзори, Државниот пазарен инспекторат како и Државниот инспекторат за труд, во рамки на постоечките капацитети дадоа максимални напори. Државниот инспекторат за труд ја надмина поставената цел од 20% зголемување на бројот на инспекции, со посебен акцент врз високоризичните сектори – градежништво, туризам и земјоделство. Исто така, Државниот пазарен инспекторат го зголеми бројот на контроли за 15% во споредба со периодот 2020–2023 година.“

 

Photo: Pexels

До крајот на 2027 година, растот на инспекции на трудовиот инспекторат треба да достигне 40%, додека на пазарниот инспекторат 30%. Но, она што е клучно е зголемените инспекции да дадат резултат. Токму затоа, овие чекори од Реформската агенда ќе се сметаат за успешни само доколку придонесат неформалната економија да се намали на 26% отсто од БДП, а бројот на неформално вработени за 40% односно да не надминува 36.000 до декември 2027 година.

 


ШТО ДОБИВААТ КОМПАНИИТЕ?

Реформската агенда предвидува јасни и прецизни придобивки за бизнис секторот, особено за сегментот микро, мали и средни претпријатија. Ако си сопственик на мал бизнис ќе имаш подобри и пофер пазарни услови.

Полесен пристап до пари
И стартапите без никаков имот, но со добра бизнис идеја ќе имаат можност да обезбедат финансиска поддршка за раст и развој.
Полесно, поевтино и побрзо завршување на административните постапки
Најмалку 50 клучни постапки ќе бидат за половина пократки и поедноставни
Јасен преглед на давачките кон државата и општините
Креирање дигитален регистар на давачки кој ќе овозможи прецизни информации и ќе го скрати изгубеното време по шалтери
Поддршка за иновации и технолошки развој
Отворање два Центри за локална извонредност и имплементација на Стратегијата за паметна специјализација
Фер услови за водење бизнис за сите компании без разлика на големината
Поголем број инспекции, борба против сивата економија, модернизација на поштенските и железничките услуги


 

Овој извештај е изработен од страна на Институт за демократија „Социетас Цивилис”, во рамки на проектот „Зајакнување на учеството на граѓаните и бизнисите во Берлинскиот процес и Реформската агенда на Северна Македонија“, финансиран од Фондација Отворено општество – Западен Балкан. Изнесените ставови и мислења се само на авторот(ите) и не ги одразуваат нужно ставовите на Фондацијата Отворено општество – Западен Балкан.

Поврзани објави