Потребна е исклучителна политичка волја и од власта и од опозицијата, натпартиски напори, како и враќање на довербата во правосудството, Собранието и во останатите институции за да се постигне ефект во борбата против корупцијата. Ова е заклучокот од настанот „Парламент 2024-2028: Нови заложби во борбата против корупцијата“ посветен на улогата на Собранието во зајакнување на борбата против корупцијата кој Институт за демократија го одржа денеска во Хотел Солун.
На настанот пратеници, претставници на релевантните институции и на граѓанскиот сектор дискутираа за зајакнување на улогата на Собранието во борбата против корупцијата во следните четири години. Дискусијата се водеше околу главните теми и приоритети во борбата против корупцијата, како и инструментите за обезбедување на помош на, но и отчетност од институциите кои одговараат пред Собранието.
На настанот, воведни обраќања дадоа Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при Институт за демократија, Љупчо Пренџов, претседател на Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, Максим Ацевски, Главен државен ревизор и Сервет Демири, член на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Поповиќ потенцираше дека постои амбициозна агенда за реформи и борба против корупцијата во следните четири години.
„Треба да се донесе и новата Национална стратегија за корупција која ја подготвува Антикорупциска комисија а ја усвојува Собранието. Таа треба да има легитимитет даден од законодавниот дом меѓутоа постои и потреба да се зајакне надзорната улога на Собранието за која што зборуваме подолго време. Треба да се искористи богатството на препораки и наоди и од Државниот завод за ревизија (ДЗР), Антикорупциска комисија, но и од невладиниот сектор кои што можат да ги информираат пратениците и тие да побараат одговорност, да дадат насоки и да им помогнат на останатите во тој антикорупциски еко систем. Институциите кои што работат добро особено во превентивата можат да заштедат пари на граѓаните. Парите вложени во превенција од корупција може да се вратат неколкукратно“, рече Поповиќ.
Според Пренџов, Собранието, пратениците но и сите останати надлежни треба да направат промени кои ќе овозможат вистинските луѓе да дојдат на вистинските места.
„Во следниот период во Собранието треба да направиме системски решенија за да имаме ефикасно правосудство. Сметам дека треба да има распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Треба да има мерливи критериуми кои што треба да ги исполнат членовите избрани од Собранието и претседателот на државата како и јавна и транспарентна постапка која што ќе гарантира интегритет и квалитет на избраните кандидати. Треба да иницираме процес во кој што мораме да утврдиме јасна и дефинирана постапка за избор на претседател на Судски совет. Унапредување на судии мора да биде преку задолжителна евалуација. Собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците ќе биде многу проактивна и отворена за експерти, невладини и секој еден добронамерник кој ќе сака Македонија да биде пристојно место за живеење“, додаде тој.
Пратениците треба да соберат сили и до крајот на годината да го донесат Законот за државна ревизија кој што талкаше по институциите, смета Ацевски.
„Би сакал да истакнам дека во 2021 година ДЗР и Собранието потпишаа меморандум за соработка и за прв пат во историјата се преземаат активности помеѓу ДЗР и Собранието. Ми преставува чест и задоволство што годишниот извештај на ДЗР се дискутираше повеќе од четири часа и се донесоа 12 заклучоци кои се во насока на поддршка на работата на ДЗР. Верувам дека оваа наша соработка со Собранието ќе продолжи и ќе се интензивира и дека ќе се разгледуваат одредени извештаи во матичните комисии на Собранието. Мислам дека крајно време е и одредени ревизорски извештаи да заслужат внимание и на пленарни седници“, нагласи Ацевски.
Демири истакна дека е важно и многу потребно пратениците во Собранието да застанат на иста страна во борбата против корупција.
„Главната улога на Собранието е да ги задолжи сите надлежни институции за постапување и надминување на детектираните приоритетни проблеми. Потенцирам дека соработката помеѓу ДКСК и Собранието е клучен елемент во напорите да се осигура ефикасна и одговорна владејачка структура која е особено важна во контекст на С. Македонија каде корупцијата е најголем предизвик. Ги повикувам сите институции да соработуваат со ДКСК особено кога бараме податоци. Сме имале до сега добра соработка со институциите но имаме проблем со бавноста на комуникацијата оди многу бавно“, додаде тој.
Настанот е организиран како дел од проектот „Поттикнување дебата за отчетност и антикорупција“ кој цели да придонесе кон реформски процеси во Северна Македонија преку зајакнување на улогата на Собранието во борбата против корупцијата и креирањето реформи во владеење на правото, овозможувајќи дијалог меѓу партиите и подмладоците, како и меѓу пратениците и граѓанското општество. Проектот е поддржан од Националниот фонд за демократија.