fbpx
logo

ПОГЛЕД НА СОБРАНИЕ: ИЗВЕШТАЈ ОД НАБЉУДУВАЊЕТО НА КВАЛИТЕТОТ НА ДЕБАТАТА ВО СОБРАНИЕТО (ЈУЛИ – ДЕКЕМВРИ 2023)

Извештајот од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието за периодот јули – декември 2023 покажува релативно ниско ниво на квалитет на дебата во овој мандат и го потврдува заклучокот дека постои простор за значително подобрување. На скала од 1 – најнизок до 10 – највисок, средната оценка на квалитетот на дебатата во Собранието во второто полугодие на 2023 е 5,6.

Во 40% од сите анализирани дискусии учесниците немаа аргументи, додека во 49% од анализираните дискусии имаа слаба аргументација, односно говорниците понудија образложение на своите позиции што не е доволно да се смета за еден целосен аргумент. Нивото на аргументирање бележи благо подобрување во споредба со претходниот период на набљудување јануари– јуни 2023.

Во однос на тоа како пратениците одговараат на упатени аргументи од страна на други пратеници, набљудувањето забележува дека во 11% од нивните излагања, пратениците соодветно ги адресирале аргументите, односно пратеникот/пратеничката директно одговорил/а на аргументи што претходно му ги упатил друг учесник во дискусијата. Споредено со претходниот период на набљудување (јануари – јуни 2023), кога во само 5% од дискусиите е забележано соодветно адресирање на аргументите, може да се заклучи одредено зголемување во оваа област.

Од јули до декември 2023 година, беше набљудувано разгледувањето на 10 извештаи од независни и регулаторни тела поднесени до Собранието. За шест извештаи не се водеше дискусија во пленарните и комисиските седници во овој период на известување. За еден извештајн дискусијата беше значително кратка, и се сведе на тројца дискутанти. За останатите три извештаи од независни и регулаторни тела пратениците развија дискусија во комисиските и пленарните седници и тие подлегнаа на одредено ниво на контрола.

Извештајот го потврдува и константно нискиот осврт на пратениците кон правата на маргинализираните групи, низ сите периоди на набљудување. Забележано е дека пратениците во 80% од нивната дискусија, не се осврнуваат кон правата на маргинализираните групи, доколку специфично не се дискутира за одреден закон или тема на дневен ред поврзано за нивните права. Иако пратениците генерално ретко се осврнуваат на правата на маргинализираните групи и заедници, пратеничките во поголема мера се осврнуваат на овие заедници за разлика од нивните колеги пратеници.

Публикацијата може да ја прочитате на следниот линк:

ПОГЛЕД НА СОБРАНИЕ: ИЗВЕШТАЈ ОД НАБЉУДУВАЊЕТО НА КВАЛИТЕТОТ НА ДЕБАТАТА ВО СОБРАНИЕТО (ЈУЛИ – ДЕКЕМВРИ 2023)

Поврзани објави