fbpx
logo

Роамингот е една од многуте придобивки за граѓаните од Берлински процес

Институтот за демократија денеска го одржа настанот „Придобивките од Берлинскиот процес за Северна Македонија: Осврт на сработеното во делот на заедничкиот регионален пазар со фокус на роамингот”, на кој се дискутираше за преземените заложби од Берлински процес.

Настанот беше отворен од Н.Е. Петра Дрекслер, Амбасадорка на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, Арбер Адеми претседател на Комисијата за европски прашања во Собранието и Зоран Нечев од Институт за демократија.

Адеми истакна дека се залага за поголема вклученост на парламентите во Берлински процес, не само при утврдување на агендата и при имплементација на договореното, туку и во делот на креирање на политики.

„Во рамки на самитот за Берлински процес во Тирана, усвоивме декларација каде што се залагаме за поголема парламентарна димензија во рамки на Берлински процес. Геополитичката соработката секако е во интерес на граѓаните, а како пример ќе го наведам роамингот, бидејќи корисниците заштедуваат до 300%, и затоа укинувањето на роамингот во Западен Балкан е голема придобивка за граѓаните“, рече Адеми.

Амбасадорката Дрекслер потенцираше дека целосната имплементација на сите постигнати договори и добивањето на опипливи резултати за граѓаните, ќе значи успех на процесот.

„Олеснувањата во цените на роамингот дефинитивно е нешто што ги зближува луѓето и им ги олеснува патувањата и е успех на кој што може да бидеме горди. Регионалната соработка не е само политички концепт туку граѓаните ги чувствуваат придобивките на секојдневно ниво. Затоа регионалната соработка е столб на Берлински процес од самиот почеток. За да биде успешна оваа иницијатива и постанување на придобивки на граѓаните, потребен е политички напор, напор од сите засегнати страни како и вклученост на парламентарците“, додаде таа.

Анамарија Велиновска истражувачка од Институт за демократија го презентираше извештајот на досегашните успеси и предизвици на Берлинскиот процес кои спаѓаат во акциските планови за имплементацијата на заедничкиот регионален пазар и зелената агенда. Извештајот може да го прочитате тука.

Советничката за политички процеси поврзани со Берлинскиот процес во Владата на Република Северна Македонија Марија Филева, истакна дека Берлинскиот процес е комплементарен на евроинтеграцискиот процес на земјите од Западен Балкан, а една од неговите цели е унапредување на меѓусебните односи во насока на забрзување на европската интеграција.

„Овој процес ја прикажува во вистинско светло регионалната соработка заедно со целиот потенцијал кој го поседува преку секторска соработка со цел економски раст и стабилност. Кога станува збор за Берлинскиот процес за особено важна се смета реализацијата на Заедничкиот регионален Пазар кој е значаен за меѓусебното поврзување на земјите од регионот и нивна подготовка за влез во единствениот пазар на Европската Унија. Имајќи предвид дека истиот е инклузивен формат кој преставува катализатор за економска интеграција, успеа да го придвижи Западен Балкан во вистинската насока. Во овој контекст, гледајќи наназад, никој не помислуваше дека ќе имаме регион со нула такси за роаминг. Сега сме регион без роаминг“, рече Филева.

На тема „Роаминг – како стигнавте до тука и што понатаму? Утврдување на улогата на законодавната“ власт говореа Александар Коцевски од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), Слободанка Гиевска од Македонски Телеком и Владимир Ристевски од А1 Македонија.

Коцевски потенцираше дека АЕК има доста значајна улога во целиот процес и дека Агенцијата учествувала во подготвувањето на текстот на договорите како и во изготвувањето на декларацијата за роаминг. Гиевска и Ристевски истакна дека Македонски Телеком и А1 Македонија како општествено одговорни компании, вложиле време, енергија и приходи и ги намалиле цените за роамингот за граѓаните да имаат придобивки и за да ги приближат до ЕУ.

Ванчо Узунов Шерпа за Берлински процес од Македонија, кој даде заклучни гледишта, истакна дека во рамки на Берлински процес постојат планови и стратегии, дека има и знаење, но она што недостига е имплементација.

Настанот е дел од проектот „Парламентарна дипломатија: регионална соработка преку зајакнат парламентарен дијалог“ кој има за цел преку промоцијата на парламентарната дипломатија и искористување на механизмите за надзор од страна на парламентите на Западен Балкан, да ги промовира законите и придобивките од Берлински процес. Проектот е поддржан од Германското сојузно министерство за надворешни работи.

Поврзани објави