Случајот со носењето на Законот за коридорите 8 и 10д покажува како четири контролни точки во процесот последователно не успеваат да обезбедат интегритет при носење на одлуките. Приватниот интерес на конзорциумот влегува непречено во процесот на носење одлуки во Владата, каде што се занемаруваат и закони и деловник за работа. Собранието не ја остварува својата контролна и консултативна улога, туку занемарувајќи го сопствениот деловник за работа овозможува суштествени пропусти при носењето на дискутираните закони. Последната точка, на патот на една идеја до влегување на закон во сила, Претседателот ги занемарува сите претходно акумулирани пропусти и не ја користи својата улога на контратежа во процесот на носење одлуки.
Сето ова упатува на потребата во иднина да се прошири обемот на контрола, вклучувајќи ја и судската власт во ценење на процесот на носење одлуки. Меѓутоа, за ова е потребно општествените актери да идентификуваат како специјалните закони, а особено повредите на внатрешните процедури во Владата и Собранието, ги повредиле нивните права, и за тоа да поведат постапки пред Уставниот и Управниот суд. На тој начин ќе се тестира целокупниот систем, во смисла на тоа колку е подготвен да го заштити јавниот интерес и во доменот на креирање правила.
Целиот документ за јавна политика може да го прочитате овде:
Интегритет при носење одлуки: Системски пропусти во случајот „Бехтел Енка“