fbpx
logo

Поглед на Собрание: Извештај од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието (јануари – јуни 2023)

Извештајот го покажува релативно ниското ниво на квалитетот на дебатата во Собранието во овој мандат и го потврдува заклучокот дека постои простор за значително подобрување. На скала од 1-најнизок до 10 – највисок, средната оценка на квалитетот на дебатата во Собранието во првото полугодие на 2023 година е 5,5.

Поактивни со вклучување во дискусиите биле пратениците од опозицијата, кои учествувале во 76% од набљудуваните дискусии, додека пратениците од власта учествувале во 24%. Пратеници кои на собраниската говорница се задржаа најдолго се, Дајанчо Ефтимов, Здравко Трајанов и Бети Стаменкоска Трајкоска. Меѓу десетте пратеници кои најдолго се задржаа на говорницата во овој период на набљудување се најдоа пет пратенички од опозицијата, Бети Стаменкоска Трајкоска, Гордана Сиљјановска Давкова, Благица Ласовска, Лидија Петкоска, и Ели Панова. Учеството на жените во дискусијата е 43% и се задржува на релативно високо ниво, исто така претставува највисоко учество на жените во дискусијата во споредба со претходно набљудувани мандати.

Во 49% од сите анализирани дискусии, учесниците немаа аргументи, додека во 44% од анализираните дискусии имаа слаба аргументација, односно говорниците им понудија образложение на своите позиции што не е доволно да се смета за еден целосен аргумент. Нивото на аргументирање е благо влошено во споредба со претходниот период на набљудување јули – декември 2022 година. Само 8 говорници користеа 2 аргумента, додека во набљудуваните дискусии, говорниците користеа повеќе од два аргумента за да ја поткрепат својата позиција во само две инстанци или во само 0,1% од набљудуваните излагања.

Во овој период на известување, во набљудуваните дискусии не беше забележана промена на став кај пратениците поради подобри аргументи на соговорниците или каква било друга причина што е на исто ниво со минатиот период на набљудување (јули – декември 2022 година).

Извештајот го потврдува и константно нискиот осврт на пратениците кон правата на маргинализираните групи, низ сите периоди на набљудување. Забележано е дека пратениците во речиси 87.3% од нивната дискусија, не се осврнуваат кон правата на маргинализираните групи, доколку специфично не се дискутира за одреден закон или тема на дневен ред поврзано за нивните права. Иако пратениците генерално ретко се осврнуваат на правата на маргинализираните групи и заедници, пратеничките во поголема мера се осврнуваат на овие заедници за разлика од нивните колеги пратеници.

Целиот извештај може да го прочитате тука:

Поглед на Собрание: Извештај од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието (јануари – јуни 2023)

Поврзани објави