fbpx
logo

Голем пад во перцепцијата на граѓаните за влијанието на ЕУ во Северна Македонија

Новата блокада на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ не ја промени значително поддршката за членство во ЕУ. Во 2021 година, 68% од населението ја поддржува идејата за членство во ЕУ, но македонските граѓани не се доволно информирани  во врска со траекторијата и временската рамка на процесот на пристапување.

Мнозинството граѓани сметаат дека Северна Македонија не треба да отстапи од бугарските барања поврзани со ревизија на историјата (71%), условот за јазикот (79%) и положбата на бугарското малцинство во Северна Македонија (65,4%).

Перципираното влијание на ЕУ во Северна Македонија се намали на најниско рангирање во последниве години (од 44,8% во 2019 година на 9,5% во 2021 година). Само малкумина Македонци гледаат на ЕУ како на субјект со најголемо влијание (7,8%).

Перцепцијата на граѓаните за ЕУ како најголем сојузник на земјата се намали од 43,2% во 2019 година на 13,1% во 2021 година. Во исто време, процентот на испитаници кои одбиваат да одговорат на ова прашање се зголеми од 1,3% во 2020 година на 17,6% во 2021 година.

Повеќе од половина од испитаниците (56%) поддржуваат поблиско сојузништво меѓу сегашните партнери од Отворен Балкан во рамките на процесот на интеграција во ЕУ.

Ова се дел од наодите од двете истражувања изработени од страна на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер кои беа презентирани денеска во хотел Хилтон во Скопје.

Претседателот на ИДСЦС, Марко Трошановски потенцираше дека наодите од анализите покажуваат дека Европскиот сон сè уште блеска, но европската реалност за Северна Македонија станува лош сон.

„Оптимистички набљудувач би заклучил дека поддршката за македонското членство во ЕУ е релативно стабилна на околу 70%. Но, подлабок увид во структурата на ставовите дава сива слика. Неспроведувањето на домашните реформи и блокадата од нашите соседи се клучни причини за стагнација на земјата во нејзините амбиции за ЕУ. ЕУ и Западен Балкан влегоа во маѓепсан круг на меѓусебен некредибилитет. Оваа стагнација го намали значењето на ЕУ во личните преференции на граѓаните, особено на етничките Македонци. 45% од Македонците би поддржале Евроазиска унија предводена од Русија. Перцепцијата за влијанието на ЕУ опадна од 34 на 9 отсто и за првпат Македонците повеќе од етничките Албанци ги сметаат САД за повлијателни во ЕУ“, вели Трошановски.

Даниел Браун, директор на Канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во Северна Македонија, смета дека разочарувањето на граѓаните за сеуште не отпочнатите преговори е мерливо.

„Како германска институција можеме без резерви да кажеме дека без разлика на која политичка опција е на власт, Германија секогаш ја подржувала земјата на патот кон ЕУ. Истовремено самата Германија не успеа да ги убеди соседите на Северна Македонија да се откажат од идентитетско полички мотивирани барања за доброто на поголемата цел на ЕУ интеграцијата и разликите како рамноправни партнери да ги решаваат во рамките на самата ЕУ. Ова резултира со губење на довербата во политичките кругови, но и особено од страна на населението“, рече Браун.

Германската амбасадорка Анке Холштајн рече дека и покрај напорите на Германија, се уште е постои блокадата за Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ.

„Многу земји членки ја сфаќаат штетата што е направена за Северна Македонија, на репутацијата на ЕУ во регионот и општо на самата Унија. Прашањето со Бугарија е голем предизвик, но не е неостварлив. Важен е континуираниот напредок на земјата и исполнување на реформите. Германија ќе продолжи да го подржува овој пат на Северна Македонија полн со предизвици“, рече Холштајн.

Иван Дамјановски, автор на една од публикациите истакна дека анализата покажува дека новата блокада на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ не ја промени значително поддршката за членство во ЕУ.

„Опструкциите од соседните држави се перцепирани како најголемиот проблем за напредокот во пристапниот процес“, рече Дамјановски.

Во време со намален кредибилитет на ЕУ и без видливи поместувања во процесот на пристапување во ЕУ, граѓаните се чувствуваат значително повеќе дезориентирани од кога било досега, смета Анамарија Велиновска, автор на една од анализите.

„На граѓаните им е сè потешко да препознаат потенцијален странски фактор со најголемо влијание, најголемиот сојузник и донатор на државата“, додава таа.

Двете истражувања на авторите Иван Дамјановски и Анамарија Велиновска, Иван Николовски и Мари Јеленка Кирхнер  на македонски јазик може да ги прочитате на следните линкови:

Од пофалби до разочарувања: 2021 Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија

Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014-2021)

Анализите на англиски јазик може да ги прочитате тука:

From a poster to a foster child. 2021 public opinion analysis on North Macedonia’s EU accession process

Analysis of public opinion on North Macedonia’s accession to the European Union (2014-2021)

Поврзани објави