logo

Промени на дело: Следење на Националната стратегија за борба против корупција

Share on facebook
Share on twitter

Националната стратегија за борба против корупцијата беше донесена во Собранието на Република Северна Македонија во април 2021 година. Таа претставува сеопфатен документ што ги дава основните насоки за реформскиот план насочен кон сузбивање на корупцијата. Покрај насоки и теми од важност за борбата против корупцијата, Стратегијата дава и конкретни заложби што треба да се остварат од повеќе институции – некои добија задачи поради тоа што работат на теми под висок ризик од корупција, а други поради тоа што се директно надлежни да работат на сузбивање (превентивно или репресивно).

Меѓутоа, реформите од оваа област честопати се долги, се занимаваат со институционално јакнење и неретко се тешко видливи за граѓаните. Тенденцијата на институциите е да ги осмислуваат реформите фокусирани на самите себе. Имајќи ги предвид големите предизвици поврзани со капацитети на институциите, реформите претежно се поврзани со јакнење на човечкиот потенцијал и промена на процедурите.

Фокусираноста на институциите кон внатре, и долготрајноста на реформите се отежнувачки фактор кога е потребно да се стекне доверба од страна на граѓаните. Тие очекуваат резултати веднаш, па одложениот ефект го засилува чувството дека ништо не може да се направи против корупцијата. Токму овој дефетизам е значаен системски проблем, бидејќи успехот против корупцијата во светот речиси исклучиво е резултат на колективна општествена акција. За тоа да се случи, потребни се мотивирани сојузници помеѓу граѓаните.

Токму затоа, Државната комисија за спречување на корупцијата треба да ги изнајде сите можни канали преку кои ќе се зголеми ентузијазмот кај граѓаните.

Една можност за тоа претставува и претставување на реформскиот пат на земјата преку покажување на користа од промените во секојдневниот живот на граѓаните. Меѓутоа, во моментов индикаторите за следење на исполнувањето на стратегијата се поврзани со активностите. На тој начин се известува колку од активностите се започнати или завршени. Но тоа не значи дека засегнатите страни, а особено граѓаните, ќе добијат информации за тоа каков успех е постигнат.

Оттука, ДКСК има можност додека ги прибира информациите за напредок по однос на Стратегијата, да испрати неколку дополнителни прашања со кои институциите квалитативно ќе оценат на кој начин го подобриле животот на граѓаните подобрувајќи ја својата отпорност и борбата против корупцијата. На тој начин ДКСК ќе воведе новина во начинот на известување, бидејќи известувањето по успех е повеќе исклучок, отколку правило во институциите.

Мемото за јавна политика на албански јазик може да го прочитате тука:

Ndryshime në vepër: Monitorimi i Strategjisë nacionale për luftë kundër korrupsionit

Мемото за јавна политика на англиски јазик може да го прочитате тука:

Witnessing the change: Monitoring the National Anti-Corruption Strategy

Проектот „Антикорупциски разговори во Парламентот“ (Anti-Corruption Talk in Parliament (ACT in Parliament)) вклучува истражувачки и застапувачки активности со примарна цел поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку засилување на надзорната улога на Собранието во однос на борбата против корупцијата.

Проектот е поддржан од страна на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави. За содржината одговорен е ИДСЦС и во никој случај не ги отсликува позициите на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).

Поврзани објави