Изборот на граѓаните на Локалните избори ќе определи кој ќе раководи со локалната заедница и во која насока ќе се движи локалниот развој. Евидентно е дека локалните теми стануваат сè поважни за граѓаните бидејќи управувањето на локално ниво директно влијае врз нивниот квалитет на живот.

Финансирањето на кампањата за локалните избори е клучен индикатор за легитимноста на изборниот процес. Како основач на клучните антикорупциски институции со најшироки ингеренции во изборниот процес, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Државниот завод за ревизија (ДЗР), Собранието има важна улога во надгледувањето на законитоста на финансирањето на политичката кампања.

ДЗР во рамките на своите надлежности спроведува ревизија на финансиските извештаи за приходите и расходите во изборните кампањи. Државниот ревизор е должен да спроведе ревизија, а доколку забележи неправилности поднесува барање за поведување прекршочна постапка или пријава до надлежен јавен обвинител. ДЗР дава и препораки во однос на Изборниот законик што Собранието е важно да ги разгледа со цел нивна имплементација во следните изборни циклуси.

ДКСК има важни надлежности во однос на финансирањето на изборната кампања. Една од нив на ДКСК е следењето на законитоста на финансирањето на изборните кампањи. ДКСК може да поведе постапка за утврдување на фактичката состојба во случај на сомнеж или приговор за незаконско финансирање кампања. Дополнително, ДКСК е надлежна да ја следи законитоста на користењето со буџетските средства од денот на распишувањето дo завршувањето на изборите, како и да утврди злоупотреба на финансирање на политички партии за време на изборна кампања. Комисијата е должна да ги разгледа овие пријави и до Собранието да достави посебен извештај за финансирањето на изборната кампања, најдоцна три месеца од денот на завршувањето на изборите. Дополнително, на лицата што работат на спречување на корупцијата им се обезбедува целосна заштита и независност, а доколку е извршен притисок ДКСК веднаш го известува Собранието.

Учесниците во изборната кампања поднесуваат вкупен финансиски извештај до Собранието, Државната изборна комисија, ДЗР, ДКСК и до Советот на општината и Советот на Град Скопје. Банките каде што се отворени трансакциските сметки за кампањата се должни на ДКСК и ДЗР да им обезбедат бесплатен електронски пристап до сите промени на сметката.

Антикорупциските институции се должни да соработуваат за време на изборната кампања меѓу себе и со Државната изборна комисија. Во пресрет на претстојните локални избори, ДКСК заедно со ДЗР формираа заеднички тим за координација и реализација на предвидените активности на двете институции со цел прибирање податоци од институциите и трансакциските сметки на учесниците на локалните избори. Важно е пратениците одблиску да го надгледуваат изборниот процес и внимателно да ги разгледаат и да ги дискутираат извештаите подготвени од ДКСК и ДЗР со цел зголемување на отчетноста на политичките партии, подобрување на законската рамка за избори и финално зголемување на довербата во изборниот процес.

Мемото за јавна политика на албански јазик може да го прочитате тука:

Zgjedhjet lokale 2021 dhe roli i institucioneve antikorrupsion

Мемото за јавна политика на англиски јазик може да го прочитате тука:

Local elections 2021 in North Macedonia and the role of the anti-corruption institutions

__

Проектот „Антикорупциски разговори во Парламентот“ (Anti-Corruption Talk in Parliament (ACT in Parliament)) вклучува истражувачки и застапувачки активности со примарна цел поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку засилување на надзорната улога на Собранието во однос на борба против корупцијата.

Проектот е поддржан од страна на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави. За содржината одговорен е ИДСЦС и во никој случај не ги отсликува позициите на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).