logo

Кој тоа таму управува?

Share on facebook
Share on twitter

Овогодинешното издание на анализата се осврнува на именувањата и назначувањето раководни структури по парламентарните избори во 2020 година. Раководните структури што ги набљудувавме претставуваат управители на агенции, управи, претпријатија или единици во состав на министерства кои се именуваат од Владата на Република Северна Македонија. Оваа структура претставува зона помеѓу политичките именувања, како министри и заменици, и јавната служба. Таа структура е политички именувана, но треба да биде избрана водејќи се од професионални стандарди и компетенции. Тоа го потврдува и заложбата содржана во Предлогзаконот за висока раководна служба што предвидува начин на избор базиран врз знаењето и вештините на кандидатите и со тоа, барем во теорија, го оттргнува процесот од неговата вродена политичка заднина – именувањето.

За жал, во земјава, изборот на раководна служба не е само политички по начинот на избор, односно фактот дека политичко тело го врши именувањето. Напротив, суштинскиот проблем е дека процесот не е компетитивен и определен да ги пронајде најдобрите кандидати за зададената позиција. Во основа, процесот е онолку штур, колку што е потребно за основачот да го избере посакуваниот кандидат, без разлика дали тоа е најдобриот кандидат или кандидатка.

Текстот што следи се состои од три дела. Во првиот дел анализираме 116 назначувања на раководни кадри. Во него ги анализираме основните компетенции што може да се оценат од 41 биографии што пристигнаа до 21.3.2021. За останатите 75 именувања не добивме одговор. Меѓутоа ја анализираме и постапката, односно компетитивноста на процесот на именувања.

Во вториот дел се наоѓа анализа на пет именувања, врз база на подлабинска анализа на содржината на огласите, што е тоа што недостасува, како и анализа на компетенциите во оние случаи каде што ни беше достапна биографија. Не сите студии на случај што ги одбравме имаат анализа на компетенции, бидејќи за некои од овие именувања, каде што постои дури и оглас и формална постапка, каде што требало да се разгледува биографија, институциите не ни ја испратија.

Во третиот дел завршуваме со т.н. компетенциска рамка, односно водич за некое идно време, во кое тој што именува, во случајот Владата, ќе се води за да ја разбере суштината на еден комплетен начин на пронаоѓање идеален кандидат или кандидатка. Во оваа рамка се содржани објаснувања за важноста на сите фази на проверка на компетенциите.

Прочитајте анализата на македонски јазик тука:

Кој тоа таму управува?

На албански јазик тука:

Kush menaxhon atje?

Поврзани објави