Системот за управување со кризи се организира и остварува заради превенција, рано предупредување и справување со кризи кои претставуваат ризик за добрата, здравјето и животот на луѓето и животните, а се настанати од природни непогоди и епидемии или други ризици и опасности што директно го загрозуваат уставниот поредок и безбедноста на републиката или дел од неа, а за кои не постојат услови за прогласување воена или вонредна состојба. Во досегашното свое постоење се наметнал како еден од водечките системи во безбедносниот сегмент на државата, додека Центарот за управување со кризи е препознатлива институција во регионален контекст што успешно ги реализира зададените планови и цели, придонесувајќи за зголемена отпорност на државата и на локалните заедници. Неколкуте прогласени кризни состојби се успешно разрешени, а тековните се реализираат според плановите. Појавата на пандемијата на КОВИД-19 како нов и системски ризик, дополнително ја наметнува потребата од натамошен развој, трансформација на управувањето со кризи со цел да обезбеди превенција и подготвеност за справување со комплексните кризи и катастрофи и настаните кои се мала можност за настанување, но предизвикуваат големи последици.
Во таа насока е и целта на оваа студија на јавни политики да ја процени поставеноста на системот за управување со кризи и да даде соодветни препораки за негов развој преку преглед на правната и институционалната поставеност на системот за управување со кризи, надлежностите на општините, идентификација на системските празнини и предизвици, последиците на пандемијата на КОВИД-19 врз функционирањето на општините, испораката на услугите до граѓаните и справувањето со кризата, како и компаративен преглед на искуствата од регионот на Западен Балкан. Во таа насока овој документ на едно место ги обединува различните аспекти на досегашното функционирање на системот за управување со кризи, како и предизвиците и т.н. нова нормалност која со себе ја донесе пандемиската криза на КОВИД-19.
Последователно во контекст на постојната рамка на поставеност и функционирање се идентификувани неколку празнини и предизвици кои е неопходно да се адресираат во наредниот период или преку предметна или преку системска реформа на системите за управување со кризи и заштита и спасување. Во контекст на одговорот на пандемијата на КОВИД-19, системот за управување со кризи навремено се адаптира, особено на локално ниво и продолжи да функционира во новонастанатите услови преку организирање на стручно-оперативните тела, испорака на мерки и активности за одговор на пандемијата, комуникација и јавно информирање на граѓаните и помош и поддршка на најранливите.
Од друга страна и државите во регионот на Западен Балкан беа погодени на сличен начин и со истите предизвици и може да се забележат голем број сличности и добри практики. Со оглед на фактот дека кризите и катастрофите не препознаваат граници, неопходно е да се градат прекугранични и регионални механизми за подобра превенција, справување и опоравување од ваков вид кризи и катастрофи.
Целата студија може да ја прочитате тука:
Студија за јавни политики за управување со кризи