На почетокот на февруари 2020 година, Европската комисија ги соопшти контурите на предлогот на новата преговарачка методологија со земјите од Западен Балкан. Методологијата е резултат на потребата да постои процес кој ќе обезбеди дека идните членки нема да бидат земји со значајни проблеми во демократското управување и владеењето на правото.

Најголемата промена во процесот на преговори е групирањето на поглавјата по кои се преговара. Поглавјата се групирани во гроздови (кластери) од кои, за почеток најважниот е оној каде што се наоѓа спречувањето на корупција, владеење на правото, јавни набавки, безбедност, реформа на јавната администрација и финансиска контрола. Групирањето е направено за проблемите да се решаваат хоризонтално, низ интервенции во повеќе сектори. Тоа ја зголемува комплексноста на реформите, но истовремено, ако добро се направи, обезбедува и одржливост на промените.

Каде е тука улогата на Собранието?

Во нацртот на контурите за новата преговарачка методологија, парламентите не се споменуваат ниту еднаш. Сепак, истиот ден кога методологијата беше презентирана, комесарот за проширување Верхели, истакна дека ги гледа балканските парламенти како важен линк со граѓаните. Европскиот парламент исто така, веќе некое време ја истакнува надзорната улога на парламентите како потребна во преговарачкиот процес.

Оттука првото очекување доаѓа од граѓаните, за активно вклучување на пратениците во процесот, а од друга страна, тука е и искажаното очекување на Европската Унија, која во парламентите гледа важна надзорна улога.

Овие очекувања ја нагласуваат двојната улога на Собранието. Иако Владата ќе ги води преговорите, пратениците имаат изразена улога во креирањето на политиките кои ќе го остваруваат процесот на приближување кон ЕУ. Тоа што однапред е познато е дека процесот ќе трае повеќе од 10 години, па Собранието е совршено место да се обезбеди одржливост на промените и приоритетите без разлика кои партии се во мнозинство. Проблемите кои треба да се решат се големи, и ќе опфатат значителни промени во институциите. Оттука, низ преговори во парламентот, потребно е постојано преговарање заради обезбедување консензус. Во обезбедување на овој консензус, потребно е вклучување и на граѓанското општество во собранискиот форум при дискусиите како да се формулираат политиките и како да се одредат приоритетите.

Од друга страна, надзорната улога на Собранието треба да обезбеди и исполнување на задачите. Во оваа смисла, улогата на пратениците е да осигураат дека промените не се прават само поради приближување кон ЕУ, туку реформите испорачуваат видливи резултати за граѓаните. Само на овој начин, собранискиот форум на меѓусебно усогласување помеѓу различните страни во политиката, ќе биде сфатен како легитимен процес во интерес на граѓаните.

Мемото за јавна политика на англиски јазик може да го прочитате тука:

The Role of Parliament in the New Approach of EU Accession Negotiations

Мемото за јавна политика на албански јазик може да го прочитате тука:

Roli i Kuvendit në qasjen e re për negociata ndaj BE

Проектот „Разговор за борбата против корупцијата во Собранието“ (Anti-Corruption Talk in Parliament (ACT in Parliament)) вклучува истражувачки и застапувачки активности со примарна цел – поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку засилување на надзорната улога на Собранието во однос на борба против корупцијата.

Проектот е поддржан од страна на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави. За содржината одговорен е ИДСЦС и во никој случај не ги отсликува ставовите на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).