Институт за демократија „Социетас Цивлис“ (ИДСЦС) и Центар за економски анализи – Скопје (ЦЕА), денес (18 декември) во хотел Солун ја одржа завршната конференција „Проценка на влијание на регулатива – Суштински процес или формалност?“, во рамки на проектот „Проценка на влијанието на регулативата во сенка: Промовирање на креирање на политики базирани на докази“, финансиски поддржан од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

На конференцијата се разговараше за состојбите и предизвиците на процесот ПВР во Република Северна Македонија, како и за резултатите од проектот „Проценка на влијанието на регулативата во сенка“.

Програмската директорка на ИДСЦС, Ивана Најдоска информираше за проектните активности кои беа реализирани во последните три години и наодите и препораките кои произлегоа од нив.

„Направивме повеќе студии заедно со ЦЕА, направивме мерења, ги анализиравме РИА формите, кост-бенефит анализите кои што се спроведуваа, го анализиравме и консултативниот процес. Сакавме да ја видиме вклученоста и запознаеноста на општата јавност, па направивме истражување на јавното мислење. Формиравме и мрежа од граѓански организации за да можеме да придонесуваме заедно кон овој процес.  Увидовме дека има потреба од подигнување на свеста и знаењето за процесот и кај новинарите затоа што тие ни се единствениот контакт со јавноста и затоа им пруживме обука за да го разберат процесот и да можат поквалитетно да известуваат. Направивме и студиска посета на која претставници од граѓански организации и државни институции видоа како функционира процесот во Словенија“. Во насока на одржливост на проектот, се изработи и ресурсен центар кој содржи анализи на граѓанските организации кои се систематизирани во формат кој би бил корисен за креирање на подобри ПВР извештаи, рече Најдоска.

Марјан Николов, претседателот на ЦЕА рече дека економските последици од регулативата е придонесот на ЦЕА во рамки на овој проект.

„Прашањето е дали ПВР процесот е суштински или е формализиран. Многу е површно доколку ПВР се сфати како процедура, но не и суштина. Ова е суштински процес, но тоа што во Македонија не се мери и не се гледа на овој начин може да го дефинира како формалност. Ние не треба да се откажеме од тоа дека треба да го гледаме како суштина. Законската регулатива мора да биде прилагодена и пресметана пред да биде донесена за потребите на оној на оној на кој што се однесува“, вели Николов.

Предизвик беше да се отпочне ваков проект каде што граѓанскиот сектор ќе може да ја мониторира работата на Владата и министерствата во подготовка на ПВР, рече Гордана Гапиќ Димитровска.

„Во 2015 година вкупниот број на усвоени закони бил 566, а за само 24 проценти од нив биле спроведени консултации за ПВР. Во изминатиот период обезбедивме реформатори, државни советници во институциите кои преку знаењата и вештините што ги добија, можат да им кажат „не“ на своите министри и да инсистираат дека мора да се направи ПВР за законите кои што се предлагаат. Тој тренд на инвестирање на таква комуникација и потенцирање на важноста на процесот, резултираше со зголемување на минималниот број на денови за консултација. Ако споредиме со 2015, првата половина од оваа година бројките се одлични. Имаме намален број на закони, што е добар показател. Биле усвоени 53 закони, 90 проценти од нив имале ПВР извештај, 88 отсто се јавно достапни за коментари на ЕНЕР, 77 проценти ја почитуваат процедурата за мислење од МИОА“, додаде таа.

Марко Панковски, истражувач во ИДСЦС, ја промовираше ресурсната база за ПВР анализи кои се сумирани според потребите за ПВР извештаите кои се подготвуваат во министерствата. На алатката на која може да се најдат речиси 800 анализи изработени од граѓанскиот сектор. Алатката ќе биде достапна на веб страната pvr.mk

Ристе Јуруковски го презентираше начинот и методолошките алатки според кој во рамките на проектот ќе се спроведе ПВР процесот за предлог Законот за лобирање и предлог Законот за користење на податоците од јавниот сектор.