logo

Преку отчетни институции до ефикасна борба против корупцијата: Одржана конференција за проектот „Набљудување за успешноста на работата на ДКСК“

Share on facebook
Share on twitter

Платформата на граѓански организации за борба против корупција денеска, во хотел Холидеј Ин во Скопје, одржа конференција за започнување на проектот „Набљудување на успешноста на работата на Државната комисија за спречување корупција“, поддржан од Фондацијата отворено општество – Македонија.

На конференцијата беше презентирана методологијата за набљудување на отчетноста на засегнати институции по одлуките на Државната комисија за спречување на корупцијата со цел да се истражи квалитетот на постапување по препораките на ДКСК, а со тоа да се подобри работата на индивидуалните институции.

Конференцијата ја отворија Марко Трошановски, претседател на ИДСЦС и Данче Даниловска Бајдевска, постар програмски координатор во ФООМ.

Трошановски истакна дека со овој проект се цели да се постигне креирање на колективен имунитет на институциите во борбата против корупцијата, односно да се спречи феноменот, а не потоа да се превенира и лекува.

„Со правење на јавен притисок од нас како граѓанско општество врз институциите за кои што ДКСК дала препораки за постапување по наоди за корупција, се надеваме дека институциите конечно да почнат да ја вршат својата работа и тоа ќе премине во нивен капацитет и пракса. Ќе се насочиме и кон продолжување на комуникацијата помеѓу ДКСК и Платформата, а тема ќе биде и Националната стратегија за борба против корупција каде што Собранието треба да има голема улога од аспект на надзор“, рече тој.

Даниловска Бајдевска потенцираше дека неопходно е борбата против корупција да биде секојдневна заложба на сите надлежни државни институции и тела, а следени  будно од граѓанското општество.

„Оттука, за нас беше значајно да се поддржи проектот „Набљудување на успешноста на работата на Државната комисија за спречување корупција“ за да се следи работата на Државната комисија од една страна, но од друга да следи дали другите надлежни институции за борба против корупцијата соодветно одговараат на барањата на новата реформирана ДКСК“, додаде таа.

Миша Поповиќ, постар истражувач во Институтот за демократија кој ја презентираше методологијата за набљудување, смета дека покрај набљудување на Антикорупциската комисија, важно е да се набљудува и отчетноста на институциите кои се засегнати од одлуките кои таа ги носи.

„Подготвувајќи ја нашата методологија за набљудување, определивме во кои области е најприоритетно да се интервенира во борбата против корупцијата. Критериумот не беше само колку често се случува корупцијата во некои области, туку какво влијание има корупцијата врз големата слика. Илустративно, во некоја област можеби годишно има 1.000 подмитувања, но сите тие заедно можеби претставуваат помала штета за општеството од корумпирана измена на еден урбанистички план со кој се придонесува врз загадувањето. Токму ваков пристап потребно е да видиме од страна на ДКСК“, вели Поповиќ.

На првата панел-дискусија, претседателот на Центарот за граѓански комуникации, Герман Филков, членот на ДКСК, Владимир Георгиев и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ане Лашкоска зборуваа за  опфатот и приоритетите на Националната стратегија за борба против корупцијата. Дискусијата ја модерираше Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси Интернешанал – Македонија.

Финансирањето на политичките партии како ризик од корупција беше темата на втората панел дискусија која ја модерираше Александар Јованоски од Хелсиншки комитет. Свое видување дадоа Горан Лефков од СКУП Македонија, Катица Николовска член на ДКСК и Снежана Калеска-Ванчева пратеничка од СДСМ.

Поврзани објави