Во организација на Словачкото здружение за надворешна политика и Тинк Вишеград, мрежа на тинк тенк организации од државите од Вишеградската група, на 27-ми и 28-ми мај во Братислава се одржа конференцијата насловена како „Соработка помеѓу В4 и Западен Балкан – која е улогата на тинк тенк организациите?“ како спореден настан во рамки на словачкото претседателство со Вишеградската група.
На конференцијата свое учество и обраќање имаа повеќе претставници од тинк тенк организациите, граѓанските организации и институциите од двата региона, како и Меѓународниот Вишеградски Фонд и Фондот за Западен Балкан. Фокусот на оваа конференција беше ставен на размената на знаења и искуства за моделите на регионална соработка на тинк тенк организациите во Вишеградската група и Западниот Балкан.
Претставниците на тинк тенк заедницата од Западен Балкан, здружени во Мрежата на Југоисточна Европа (Southeast European Think Net Network – SEE Think Net) беа претставени од Зоран Нечев, раководител на Центарот за европски интеграции при Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, Доника Емини од Косовскиот центар за безбедносни студии, Јована Маровиќ од Политикон мрежата од Црна Гора и Јелица Миниќ од Европското движење од Србија.
Конференцијата во Братислава е организирана со финансиска поддршка на Меѓународниот Вишеградски Фонд во рамки на проектот „Регионална соработка во Западен Балкан: Споредба на Берлинскиот процес и Вишеградската група“, координиран од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.