Македонија е рангирана на 90 место во светот според Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешенел. Тоа е индикатор дека земјата има сериозен проблем со корупцијата. Корупцијата продира во секоја пора од општеството и го достигна своето досега највисоко ниво на ‘заробена држава’во која институциите систематски се приватизирани и се користат за потребите на една или две политички елити. Досега во Македонија речиси и да нема случаи на т. н. висока корупција, а уште помалку нивна судска разврска.

Што нѐ спречува за да бидеме поуспешни во борбата против корупцијата? На ова прашање Институт за демократија “Социетас Цивилис” – Скопје (ИДСЦС) во соработка со European Academy of Diplomacy и Visegrad School of Political Studies организираше панел дискусија како дел од серијата настани “Форум за анти-корупцијата во земјите од Западен Балкан” поддржани од Советот на Европа и Интернационалниот Фонд на Вишеград.

Миша Поповиќ, панелист од Институтот за демократија, смета дека проблемот е особено тежок бидејќи корупцијата од која се зафатени највисоките политички кругови е поткрепена и со однесувањето на дел од граѓаните. Тој се осврна на дел од наодите од краткиот документ за јавни политики Замислете дека сте ниско платен службеник во коj проекциите се дека за околу 500 илјади граѓани доколку се најдат во позиција на ниско платен службеници би прифатиле да влезат во коруптивен однос. Поповиќ посочува дека службениците често се во позиција да бидат под спротивен притисок истовремено. Од нив се очекува да бидат добри службеници со интегритет од кои се очекува да одолеат на корупција, но и добри соседи, роднини, пријатели или партиски членови од кои се очекува да „помогнат“ да се заврши некоја работа.

„Корумпираното однесување е раширено бидејќи луѓето, на крајот на денот, сакаат да си завршат работа. Ако недостасуваат институции и службеници со интегритет, тие се местото каде се сретнува интересот на корумпираната власт така да владее, и практичната ориентација на луѓето да си го решат проблемот што го имаат. Клучното прашање е како, како општество, да имаме институции со интегритет кои ќе можат да се спротивстават на притисокот за корупција од „долу“, но уште поважно на притисокот од „горе“ односно од власта“.

Марија Саздевски од Македонскиот центар за меѓународна соработка смета дека удел во ваквата ситуација имаат и инстититуциите кои потфрлаат да ги остварат своите надлежности.  Саздевски во најголем дел се осврна на наодите од набљудувањето на работата на ДКСК кое го врши МЦМС. Според првиот извештај од овој мониторинг кој го опфаќа периодот од 2007 до 2015 Антикорупциска потфрла во сите индикатори околу исполнувањето на своите надлежности во борбата против корупцијата.

„Законот за спречување на корупцијата, ја дефинира Државната комисија за спречување на корупцијата како самостојна и независна антикорупциска институција. Според дадените надлежности, таа може да има значителна улога во борбата против корупцијата во Македонија. Меѓутоа, во последните неколку години се забележува потфрлање во спроведувањето на надзорните и контролните надлежности: непревземање активности за следење на користење на буџетски средства во време на избори, намалување на активности поврзани со следењето на имотната состојба на избрани и именувани лица, опаѓање на бројот на барања за поведување прекршочни постапки и барања за кривично гонење“ вели Саздевски.

Дискусијата е дел од серијата од 6 настани во Скопје, Подгорица, Тирана, Белград, Сараево и Приштина на кои тема се корупцијата и нејзината поврзаност со политичките институции и нејзиното влијание врз економскиот раст и изборите во земјите од Западниот Балкан.

Настаните се дел од програмата „Антикорупциски форум за Западен Балкан“ на Вишеградската школа за политички науки со цел подобрување на мерењето и подигнување на свеста за корупцијата.