idscs logo

Земајќи ги предвид неодамнешниот развој на настаните и динамиката на македонската политичка криза, пред сѐ одлуката на Претседателот Ѓорѓе Иванов за помилување на лицата против кои се водат пред-истражни и истражни постапки за кривични дела поврзани со злоупотреба на службената положба и овластувања, како и одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија и распишување на предвремени парламентарни избори за 5 јуни 2016 година и последователните одлуки на Државната изборна комисија, во очи на најавените преговори меѓу четирите најголеми политичките партии во Виена на 22 април 2016 година, Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС) се обраќа до претставниците на меѓународната заедница кои учествуваат како посредници во разрешување на политичката криза, претседателот на Републиката и политичките лидери на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, како и одредени институции, во своите следни чекори да ги земат во предвид следните напомени.

Обидите за разрешување на политичката криза преку учество на најголемите политички партии во реформските активности не вродија со плод. Безмалку една година по потпишувањето на Јунскиот договор, реформите кои требаше да водат до одвојување на државата и партијата и организација на фер и кредибилен изборен процес се неуспешни. Длабоко сме уверени дека причината за ова е непостоењето на политичка волја за спроведување на договорените чекори кои се од врвен интерес за граѓаните на Републиката. Наместо спроведување на уште еден процес во кој реформите за излез од политичката криза ќе бидат ексклузивно во рацете на политичките партии, ситуација што отвара можност за уште еден неуспех, предлагаме други решенија кои ќе овозможат можност за поцелисходна имплементација и одржливост на реформските чекори.

1. Уставниот суд треба да ja преиспита одлукaта за распуштање на Собранието, и во тој контекст одлуката за распишување на предвремени избори.

2. Бараме од Претседателот на Република Македонија веднаш да го повлече актот за помилување на лицата за кои се водат пред-истражни и истражни постапки за злоупотреба на службената положба и овластувања. Специјалното јавно обвинителство треба да продолжи со својата работа. Борбата против распространетата корупција не може да биде остварена доколку некој е недопирлив за законот. Сметаме дека претседателот итно и недвосмислено треба да ја повлече својата одлука во интерес на граѓаните на Република Македонија.

3. Бараме од лидерите на политичките партии и меѓународната заедница конечно да ја поддржат опцијата за формирање на преодна Влада со мандат до следните редовни парламентарни избори предвидени за 2018 година и со единствена цел спроведување во конкретни рокови на Итните реформски приоритети поддржани од Европската комисија. При тоа, сметаме дека е од највисока важност во преодната Влада да не бидат вклучени лица за кои се водат какви било постапки за злоупотреба на службената положба и овластувања. Преодната Влада мора да демонстрира интегритет и способност за справување со реформските предизвици. Воедно, таа мора отворено и недвосмислено да биде поддржана од сите внатрешни и надворешни чинители. Пред сѐ, политичките партии мораат едногласно да ја поддржат идејата за преодната влада, понудувајќи ги гласовите на своите пратенички групи во Собранието за нејзиното конституирање. Составот на преодната владата треба да вклучува експерти и претставници на граѓанското општество во ресорите клучни за спроведување на итните реформски приоритети: Министерство за информатичко општество и администрација, Министерство за правда и Министерство за внатрешни работи.

4. Бараме од институциите и политичките партии да покажат отвореност кон претставниците на граѓанското општество и суштински да ги вклучат граѓаните во своите одлуки. Претставници на граѓанското општество мораат да имаат активна улога на преговарачката маса во претстојни преговори на политичките партии, како и свои претставници со право на глас во работењето на Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупција, Судскиот совет, Советот на јавни обвинители и Агенција за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги. Граѓанскиот сектор, од своја страна мора да развие механизам за номинирање на свои членови во работата на овие тела. кој ќе ги вклучува граѓанските организации и движењата.

5. Бараме од сите чинители до кои е адресирано ова писмо со конкретни активности да ја поддржат работата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (Специјално јавно обвинителство). Пред сѐ, бараме од Уставниот суд на Република Македонија во најкраток можен рок да се изјасни по повод иницијативата за оценување на уставноста на Законот кој ја формира оваа институција како што завчера беше истакнато на граѓанските протести од страна на движењето #Протестирам. Овие чекори се важни за надминување на постоечките пречки кои ја отежнуваат работата на Специјалното обвинителство. Специјалното јавно обвинителство останува единствена придобивка од минатогодишните преговори за разрешување на политичката криза и ова е клучниот момент во кој сите политички актери и останати засегнати страни треба да ја поддржат неговата работа.

Длабоко веруваме дека претставените чекори ќе имаат суштински и клучен придонес кон разрешување на политичката и општествена криза во која државата се наоѓа веќе подолг период и која политичките елити сами не успеаја да ја надминат. Се надеваме дека темелните вредности на кои почива Републиката – демократијата и владеењето на правото – ќе бидат водечки принципи на функционирањето на јавната власт во следниот период.

Искрено ваши,
Институт за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС)