Agora 08

За еден граѓанин да се вклучи во процесите на креирање на јавни политки во Македонија потребно му е многу работа, трпение, знаење, внимание, информираност и снаодливост. Сето тоа под претпоставка дека функционираат законски механизми кои го овозможуваат ова учество. Зголемувањето на граѓанското учество придонесува кон поквалитетни политики и регулатива и има голем потенцијал за зголемување на довербата кон институциите и општествената кохезија. Практикувањето на ефективно граѓанско учество ќе донесе и до унапредување на демократијата и нејзино зајакнување.

Меѓутоа, механизмите кои на хартија им стојат на располагање на граѓаните често не функционираат. Ова е генералниот впечаток на претставниците на граѓанските органиации кои учествуваа на завршната конференција од проектот „Агора сесии, практикување на партиципативно креирање политики“ спроведен од ИДСЦС, а финансиран од Битанската амбасада. Спротивно, претставниците на јавните институции сметаат дека процесот има недостатоци, но сепак овоможува основно ниво на партиципативно создавање политики и носење на одлуки.

Аудио снимка од целосното воведно обраќање на Марко Трошановски од ИДСЦС – https://www.mixcloud.com/societascivilis01/zavrsna-konferencija-agora-sesii-participativno-kreiranje-politiki/

Учеството на граѓанското општество, според Пол Едвардс, заменик-британски амбасадор е централно место на секоја функционална демократија. Добрите влади го поздравуваат и го мотивираат бидејќи препознаваат дека тоа придонесува со експертиза и свежо размислување и ги зближува луѓето со одлуките кои се носат во нивно име. Едвардс потенцира дека за луѓето да можат ефективно да се вклучат во процесот и да ги донесат вистинските одлуки на денот на изборите, но и да бидат способни да ја држат власта отчетна во целиот период, витално е да имаат пристап до информации.

„Затоа и владите кои се плашат од демократија често се обидуваат да ги скријат информациите од популацијата. Таквите влади може да се обидат или да донесат закони за слобода на информирање, но потоа потфрлаат да одговорат на барањето за такви информации. Таквите влади може да донесат и закони за медиумите и да воспостават институции да ги надгледуваат медиумите, но потоа таквите институции потфрлаат кога треба да преземат активности, кога уредниците на медиумите или сопствениците на медиумите ги прекршуваат законите. Таквите влади скоро секогаш се обидуваат да се осигураат дека правосудството работи за тие што се на позиции и имаат моќ, отколку за јавниот интерес. Навистина е тешко да се предизвика такво владеење. Но важно е да се направи тоа и сметаме дека најдобриот начин да се засили демократијата е преку засилување на учеството во процесите на носење на одлуки.“ рече Едвардс.

Аудио снимка од целосното обраќање на Пол Едвардс – https://www.mixcloud.com/societascivilis01/konferencija-vovedno-paul-edwards/

Јован Близнаковски од ИДСЦС, автор на студијата од „Нацрт до закон“ во којa се анализираат механизмите на граѓанско учество низ целиот циклус на креирање на политики заклучи посочува дека кај сите постоечки механизми има недостатоци и потребни се реформи. Тука се вклучени и недоследности при спроведувањето на Проценката на влијание врз регулативата и функционирањето на Единствениот национален регистар на прописи – ЕНЕР.

„Имаме повеќе заобиколувања од државните институции во функционирањето на ЕНЕР. Прво роковите за консултации се избегнуваат. Еден податок вели дека во 2014 и почетокот на 2015 година министерствата ускратиле вкупно 705 денови за коментирање на законските прописи кон јавноста. Објавувањето на документи на јавен увид вклучително ПВР извештаите и нацрт- законите исто така е нередовно. Околу 70% од овие документи се објавуваат, а имаме сериозен проблем и со објавувањето на годишните програми. Владата на РМ во последните две години нема објавено своја годишна програма, а министерствата, исто така, ретко објавуваат ПВР планови и тоа кај некои министерства се провлекува во подолг период“ рече Близнаковски.

Аудио снимка од целосното обраќање на Јован Близнаковски – https://www.mixcloud.com/societascivilis01/agora-sesii-od-nacrt-do-zakon-jovan-bliznakovski-idscs/

Гордана Димитровска од Министерството за информатичко општетство и администрација во својот осврт кон консултативниот процес на ПВР рече дека системите имаат недостатоци, но постојано се подобруваат.

„Од праксата на администрацијата, но и од корисниците на ЕНЕР утврдивме работи кои треба да бидат подобрени па така денеска на ЕНЕР имаме автоматска регистрација на корисници, во претходниот период имаше и фаза на одобрување, некој во владата да ве одобри ако сакате да бидете дел од ЕНЕР и ако сакате да коментирате. Во претходниот период беше неизвесно во кој период сакате да ги дадете своите коментари, а во оваа верзија точно се знае за кое законско решение и во колкав период имате можност да ги дадете вашите коментари. Со техничко решение обезбедивме и субјективноста на државните службеници или на министерствата околу коментарите да биде лимитирана“ рече Димитровска.

Аудио снимка од целосното обраќање на Гордана Димитровска – https://www.mixcloud.com/societascivilis01/agora-sesii-gordana-dimitrovska-mioa/

Емина Нурединовска од Македонскиот центар за меѓународна соработка – МЦМС во својот осврт кон функционирањето на ЕНЕР се согласи дека законите и механизмите со кои се регулира партиципативното носење на одлуки се одлични, но отсуствува нивната практична примена.

„Да лидери сме за ПВР во регионот, но дали и колку детално и темелно се прават извештаите за ПВР е прашање. ЕНЕР е исто алатка која ја промовираме во земјите од регионот каде ретко кој има централизиран систем каде што се достапни сите предлог закони меѓутоа кога ќе ги видиме бројките на предлог-закони влезени во собраниска процедура и оние кои се објавени на ЕНЕР дискрепанцата особено во 2015 година е толку голема што и згора на тоа ако кажеме колку закони се донесени по скратена постапка во 2015 целиот убав систем воспоставен на хартија се доведува во прашање“ рече Нурединовска која наведе дека во целата 2015 година нема ниту еден закон кој бил подготвен во соработка со граѓанските организации. Нуредиовска посочи и дека од вкупно 527 закони по скратена постапка само 15 се објавени на ЕНЕР.

{position agora-final}

Аудио снимка од целосното обраќање на Емина Нурединовска – https://www.mixcloud.com/societascivilis01/agora-sesii-emina-nuredinovska-mcms/

Филип Чапаровски од Националниот демократски институт – НДИ, се осврна кон механизмите за граѓанско учество во рамки на Собранието. Тој вели дека домот на граѓаните и храмот на демократија е претворен во „тврдина на функционери“. Собранието не овозможува физички пристап за граѓаните, нема законодавна агенда, целосно е потчинето под извршната власт на чија иницијатива се 98% од законите и не ја остварува надзорната улога иако се воспоставени механизми. Според Чапароски законодавните инцицијативи се дополнително усложнети со подзаконски акти со кои се предвидуваат дополнителни чекори за одобрување на предлозите од Собранието кои ги нема во самиот Закон за Собрание. Тој сепак потенцира дека има и примери кога на предлог на граѓански здруженија се донесени закони, но тие се ретки и нивната прифатливост зависи од тоа до кој степен е контроверзна темата на која се однесуваат од политички или идеолошки аспект.

„Да не зборуваме за механизмот за предлог-закони од страна на граѓаните. Колку што знам во историјата досега има само два или три такви преку механизмот на собирање на 10 илјади потписи. Полио плус и Достоинство ги собраа потребните потписи , но и тие не завршија во потребните законски решенија. Треба да се размисли и околу тоа. Потписи во регионални канцеларии кои работат од 9 до 15 часот кога луѓето не можат да дојдат е сосема несоодветно. Мора да се угледаме на понапредните демокртатии каде што се дозволени и интернет петиции преку уникатен електронски потпис“ рече Чапароски.

Аудио снимка од целосното обраќање на Филип Чапароски – https://www.mixcloud.com/societascivilis01/agora-sesii-filip-caparoski-ndi/

Златко Атанасов, директор на Парламентарен институт, се осврна кон Отвореното владино партнерство, соработката со граѓанските организации и деловничката постапка од законодавниот процес до каде граѓаните можат да влијаат на предлозите во Собрание. Посочи дека во Собранието работите во голема мера зависат од пратениците и нивната политичка агенда. Во поглед на можноста за влијание од граѓаните Атанасов објасни дека во законодавната процедура во Собранието која трае вкупно 32 дена, постои можност да се влијае врз предлозите во рок од 7 дена. Таа можност во која граѓаните и организациите може да лобираат и да убедат пратеници да поднесат амандмани е во перидот по завршувањето на првото читање на пленарна седница и пред второто читање во матичната собраниска комисија. Тој смета дека во целиот процес треба повеќе да се посвети внимание на привлекување на граѓаните да се вклучат во работата на Собранието.

„За нас она што е можеби најбитно е како да ги таргетираме граѓаните што сакаат да дојдат. Не е доволен само објавен кајрон на телевизија со телефонски број и мејл да се пријават, па се покануваат и школи и така натаму, значи различни целни групи, но не да се сведе тоа на парламентарен туризам.“ рече Атанасов.

– Аудио снимка од целосното обраќање на Зларко Атанасов – https://www.mixcloud.com/societascivilis01/agora-sesii-zlatko-atanasov-parlamentaren-institut/

Петрит Сарачини од здружението Цивил се освра на механизмите за непосредно изјаснување, и на досега покренатите иницијативи за референдумско изјаснување. Притоа контатираше дека во Македонија нема директна демократија, а механизмите кои треба тоа да го овозможат се премногу усложнети и комплицирани. Во случаите кога граѓанските иницијативи успеале да ги совладаат тие пречки политичарите наоѓаат начин да ги уништат или дискредитираат тие обиди со цел единствена адреса за обраќање на граѓаните да бидат политичките партии.

„Во иницијативата „Аман“ видовме дека една од пречките е дискрециското право на премиерот откога Собранието ќе даде амин и зелено светло дека таа иницијатива е во ред и може да почнат грашаните да собираат потписи потоа одлуката за тоа оди во Владата на РМ и таму премиерот не само што има дискрециско право кога да каже дали да се отворат канцелариите на ДИК, туку нема ниту законски рок за ова прашање така што премиерот може да одлучи тоа да го држи 10,20 дена 2, 3 месеци и сетоа тоа може да резултира со тоа што иницијативата ќе пропадне“ објасни Сарачини.

Аудио снимка од целосното обраќање на Петрит Сарачини – https://www.mixcloud.com/societascivilis01/konferencija-petrit-saracini-civil/

Светомир Рајчиновски раководител на одделението за соработка со невладини организации при Генералниот сектеријат на Владата се осврна на соработката со граѓанските организации. Тој посочи дека од нивен аспект тие се отворени за соработка, но граѓанските органзации недоволно ја користат можноста влијаат во процесот на креирање на политики. Во таа насока Одделението пратило допис до повеќе од 2000 граѓански организации да станат дел од евиденција со која ќе бидат редовно и информирани за активностите на одделението, на што одговориле само 155 граѓански органзации. 

„Во август 2015 година беше објавен повик до граѓанскиот сектор за придонес во подготовка на програмата за работа на Владата на РМ која претставува еден вид едногодишен стратешки план на спроведувањето на целите и мерките и бевме малку изненадени од слабиот одѕив, вкупно 7 иницијативи беа доставени. Очекувавме многу повеќе имајќи предвид дека повикот беше објавен и на ЕНЕР“ рече Рајчиноски.

Аудио снимка од целосното обраќање на Светомир Рајчиновски – https://www.mixcloud.com/societascivilis01/agora-sesii-svetomir-rajcinovski-generalen-sekretarijat-vlada/

Во вториот дел од конференцијата кој се состоеше од Агора сесија на тема „Стратегии за граѓанско учество при ‘блокада’ од политичката волја“ . Сесијата беше модерирана од Тања Хафнер Адеми од Балканска мрежа за развој на граѓанското општество – БЦСДН, а известувач за заклучоците од Агора сесијата беше Миша Поповиќ од ИДСЦС.

Во воведното обраќање Дона Костуранова, извршен директор на Младински образовен форум се осврна на повеќе искуства на МОФ во повеќе законодавни иницијативи. Притоа заклучи дека од процесот се создава само обезхрабрена генерација која не верува во формални форми на учество.
„Важно во сите овие случаи е што сите се реактивни сите доаѓаат на процес кој веќе почнал, веќе тече, има или веќе усвоена политика или политика која веќе е во тек и сите овие движења и организации делуваат реактивно . Таа реактивна позиција да се спречи нешто, да се интервенира и адаптира им ја отежнува позицијата и се појавуваат како противник на институциите или непријател и секое нивно конструктивно реагирање се третира како оспорување, непријателско и се дискредитира за да се намали неговата важност“ вели Костуранова.

Аудио снимка од целосното обраќање на Дона Костуранова – https://www.mixcloud.com/societascivilis01/agora-sesii-dona-kosturanova-mof/

Никола Наумоски од Плоштад слобода исто така се осврна кон повеќе иницијативи за обид на директно учество во носењето на одлуките и јавните политики како иницијативата за референдум за верските објекти во Скопје и на референдумот за ГТЦ. Наумовски се осврна на процедиралните пречки и чекори со кои се соочија двете иницијативи како и на важноста на медимската состојба во поглед на информираноста на јавноста, како и веродостојноста на избирачкиот список. Тој заклучува дека законот за референдум постои само колку да постои таков закон бидејќи често во чекорите кои тој ги предвидува нема логика. 

„Ако и двата референдуми ги сфаќаме како неуспешни, учеството и инволвираноста на јавноста беше и во двата случаи под задоволителното ниво поради објективни услови би рекол, не заради тоа што активистите не знаат како да одржат прес-конференција и настани. Сепак ако овој референдум за ГТЦ испадне дека е успешен после една година тогаш ќе мора да ја ревидирам листата на пречки зошто во тој случај очигледно сме успеале да ги надминеме“ рече Наумовски. 

Аудио снимка од целосното обраќање на Никола Наумовски –https://www.mixcloud.com/societascivilis01/agora-sesii-nikola-naumovski-plostad-sloboda/

Целата конференција со дискусиите на сите говорници на конференција можете да ја проследите во аудио формат на следниот линк:

https://www.mixcloud.com/societascivilis01/konferencija-agora-sesii-integralno/

Линк до сите документи и анализи од проектот „„Агора сесии – практикување на партиципативно креирање политики“ https://idscs.org.mk/mk/tekovni-proekti/81-agora-sesii