marko johanes1

Сите податоци за изборните циклуси во независна Македонија сега се достапни на едно место. Институтот за демократија со поддршка и во соработка со фондацијата Конрад Аденауер ги собра податоците од сите претседателски, парламентарни и локални избори одржани во периодот од 1990 до денеска во единствена јавно достапна база на податоци на www.izbornaarhiva.mk . 

ИДСЦС во период од близу една година собра неколку стотини документи со изборни податоци кои досега беа расцепкани на одделни интернет страници за изборните циклуси, а дел и не беа јавно достапни.

„Архивата содржи околу 300 документи во седум категоризирани сесии. Првата ги опфаќа документите за објавување избори со кои располага ДИК, потоа дел кој се однесува на Избирачкиот список, дел од кандидатските листи, дел на резултатите од изборите, извештаи од изборите, набљудувачки извештаи и Изборен законик“ изјави претседателот на ИДСЦС, Марко Трошановски, на презентацијата на архивата.

e archive mkd

Во наредниот период архивата ќе се дополнува со поединечни документи и податоци кои недостасуваат и ќе се ажурира со податоците од претстојните предвремени парламентарни избори. Дополнително постепено ќе се зголемува и функционалноста на архивата во насока на овозможување на споредбени анализи на податоците според сите релевантни параметри за следење на трендовите од изборните циклуси.

Целта на Изборната архива е да им овозможи на сите заинтересирани академски истражувачи, новинари, студенти и граѓани да имаат единствен директен извор на податоци за изборите. Со тоа ќе се овозможи и подетална анализа на податоците и трендовите согласно јавниот интерес.
ИДСЦС воедно апелира до сите поединци и органзиации кои имаат пристап до некој официјален документ за некој од изборните циклуси од 1990 година, а не е вклучен во архивата, да не контактираат на мејлот: contact@izbornaarhiva.mk .

Воедно ИДСЦС им искажува благодарност на практикантите Сара Миленковска, Нино Домазетовиќ, Влора Речица, Христијан Петрушев, Филип Јаневиќ и Марјан Трајковски кои посветено работеа на обработка и класификација на податоците.