logo

Агора сесија: Препораки за програмата за работа на Владата

Agora sesija
Share on facebook
Share on twitter

Agora sesija

Институтот за демократија „Социетас цивилс“ – Скопје (ИДСЦС) има чест да ве покани на конференцијата посветена на партиципативното креирање политики во петок во Холидеј Ин со почеток од 11 часот. Во рамки на конференцијата, од страна на претставниците на граѓанските организации ќе бидат дискутирани и утврдени препораки за програмата на Владата на Република Македонија во областа владеење на право. Во вториот дел на конференцијата истражувачите на ИДСЦС ќе ги презентираат продуктите изработени во рамки на проектот „Агора сесии – практикување на партиципативно креирање политики“: краткиот документ за јавни политики посветен на партиципативното креирање политики; календарот за јавни политики; и базата на податоци за стручњаци во областите демократија и владеење на право.

Настанот е поделен на два дела. Во првиот дел, ќе биде остварена Агора сесија која ќе подготви препораки за работата на Владата на Република Македонија во областа владеење на право, додека во вториот дел ќе бидат презентирани три скорешни продукти на ИДСЦС.
Во рамки на Агора сесијата, дискусијата ќе ја водат претставниците на граѓанското општество, кои ќе дискутираат за подготовка на препораки за работа на Владата на три генерални теми:

1. Борба против корупција. 
2. Деполитизација на јавните институции. 
3. Избори и кампања. 

При одржувањето на Агора сесијата на 6 октомври 2015 година, присутните претставници на граѓанското општество се согласија за потребата на итни реформски активности во споменатите области. Притоа, се дискутираше за можните активности и се извлекоа заклучоци кои претставуваа основа за развивање на синтетизирана препорака наменета за програмата на Влада на Република Македонија и до одговорните министерства. Со оваа Агора сесија сакаме да го продолжиме тој процес и да ги допрецизираме веќе поставените насоки.

Документот кој ќе биде изработен ќе понуди преглед на препораките за измени во областите на владеењето на правото подготвени од различните организации а со цел заедничко застапување за подобрување на Програмата на Владата за 2016 година. На тој начин, во своите застапувачки активности, на повеќето организации ќе им бидат достапни препораките и од други организации со што ефектот на застапување ќе биде повеќекратен, но ќе се обезбеди и холистички пристап во кој застапувањето покрај партикуларни измени ќе ја содржи и големата слика. Со овој преглед ќе продолжи и дебата за „главната порака“ која би била заедничка нишка на комуникациските активности на организациите во наредниот период.

Во вториот дел на конференција, ИДСЦС ќе ги претстави три продукти подготвени во рамки на проектот „Агора сесии – практикување на партиципативно креирање политики“:

1. Краток документ за јавни политики – кој го евалуира партиципативното креирање политики и понудува препораки за подобрување на истите.
2. Календарот за јавни политики – кој овозможува лесен преглед на настаните и содржи датуми и рокови за актуелни процеси на јавни политики во областа владеење на право. 

3. База на податоци на стручњаци во областите демократија и владеење на право – која на државните институции им овозможува полесен пристап до експертското знаење во граѓанскиот сектор, академската заедница и пошироко.

Дневен ред на конференцијата:

10:30 – 11:00 Пристигнување и регистрација на учесниците, кафе за добредојде

11:00 – 12:45 Агора сесија: „Препораки за програма на работа на Влада“
со учество на претставници на граѓанското општество

12:45 – 13:15 Кафе пауза

13:00 – 13:15 Прес конференција за медиумите за претставување на препораките за работа на Влада во областа владеење на право

13:15 – 14:00 Како до поголема партиципативност во креирањето на јавни политики? -Претставување на продуктите од проектот

14:00 – 14:15 Дискусија

14:15 Ручек

Конференцијата се спроведува во рамки на проектот „Агора сесии – практикување на партиципативно креирање политики“, поддржан од Британската амбасада во Скопје, а спроведуван од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС). 

На следниот линк можете да ги погледнете досегашните документи и постигнувања во проектот „Агора сесии“: https://idscs.org.mk/mk/tekovni-proekti/81-agora-sesii . 

 

Поврзани објави