Break the corruption chain logo

Корупцијата ги поткопува демократијата и владеењето на правото, ги нарушува човековите права, ги прави пазарите нефункционални и го уништува квалитетот на животот. Корупцијата овозможува развивање на организираниот криминал, тероризмот и другите закани за безбедноста на луѓето. Оттука, секој од нас, било како граѓанин или како функционер, стопанственик, работник, синдикалец, новинар, граѓански активист, треба да придонесе кон сузбивање на корупцијата за да ја зајакнеме демократијата, да ја промовираме правдата, да го поддржиме образованието, да го подобриме здравството и да овозможиме просперитет на земјата.

Во таа насока Платформата за борба против корупција по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата ја изразува поддршка до Јавното обвинителство на Република Македонија и Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (Специјалното јавно обвинителство) да постапат по сомневањата за корупција од високо ниво.
Корупцијата од високо ниво се заканува да го уништи интегритетот на овие две институции. Оттука, повикуваме на нивна максимална проактивност, транспарентност и отчетност бидејќи јавноста има право да биде информирана и истата може да биде најголем поддржувач и „сојузник“ на овие две институции против корупцијата од високо ниво.

Платформата изразува загриженост заради невклучувањето на јавноста во подготовката на предлог-законите и предлог законските измени кои произлегуваат од Политичкиот договор од 2 јуни и 15 јули. Ова особено важи за Предлог-законот за заштита на укажувачите кој е од исклучителна важност за борбата против корупцијата а во текот на неговото донесување истиот не беше предмет на никакви пошироки парламентарни консултации со јавноста и граѓанскиот сектор.

Платформата неодамна испрати допис до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) со неколку предлози во врска со новата Државната програма за превенција и репресија на корупцијата и превенција и намалување на судирот на интереси (2016-2019). Меѓу другото, Платформата укажа на потребата од зголемување на надлежностите и ресурсите на ДКСК со цел овозможување нејзина поактивна улога во борбата против корупцијата, како и промена на моделот за избор на нејзините членови со цел обезбедување на нејзина поголема политичка независност.
Исто така, сметаме дека е потребно детално да се анализира работата на ДКСК, особено во поглед на ниската реализација на иницијативите поднесени од ДКСК до Јавното обвинителство. Конечно, цениме дека за ДКСК да стане препознатлива како клучната институција со активна улога во ефикасна превенција и репресија на корупцијата, таа треба да воспостави пракса за редовно известување на јавноста за своите активности на месечно ниво и да обезбеди подобра соработка со граѓанскиот сектор и граѓанските организации.
Ние како Платформа подвлекуваме дека корупцијата не е нешто со што треба да се помириме и ги повикуваме сите засегнати страни во општеството да дејствуваат за да се прекине синџирот на корупцијата во земјата.
Поединечно од чинителите бараме:

  • Функционерите, службените лица и државните службеници треба да овозможат средина во која ќе има владеење на правото и ќе постои фер правна рамка која ќе се спроведува непристрасно. Тоа ќе креира доверба во институциите и ќе овозможи решавање на споровите на чесен и праведен начин;
  • Приватниот сектор треба да усвои интерни политики со кои ќе се регулираат давањето подароци, заштитата на укажувачите и останатите прашања клучни за корупцијата;
  • Медиумите треба да ja користат својата моќ и особено моќта на Интернетот за почесто да известуваат за корупција. Истовремено, новинарите и укажувачите на корупцијата треба да бидат заштитени, имајќи предвид дека интернет страниците, социјалните медиуми и мобилните апликации се алатки преку кои брзо и евтино може да се испрати порака до јавноста;
  • Ние, граѓанските организации, треба да ја промовираме правдата преку едукација на јавноста за одговорноста на Владата да воспостави институции ослободени од корупција;
  • Синдикатите треба да застанат зад работниците кои ќе укажат на корупција и да ги заштитат сите оние кои се спремни да се изложат на таквиот ризик.

Конечно, секој од нас како поединец и како граѓанин, треба да ги пријавува случаите на корупција до надлежните институции. Сите треба да сме свесни дека со нашето истапување, не само што се спротивставуваме на корумпирањето, туку и помагаме кон градење на благосостојбата на нашата заедница.

Линк до интегралното соопштение на Платформата за борба против корупцијата mk

Членки на Платформата се: Асоцијацијата за демократски иницијативи, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, Истражувачкиот центар за граѓанско општество, Коалицијата „Сите за правично судење“, Конект, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Метаморфозис, МОСТ, Охрид Институт, Транспаренси Интернешнл Македонија, Транспарентност Македонија, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Форум ЦСИД, Центарот за граѓански комуникации и Центарот за истражување и креирање политики.