20150731 130947

Збирката Судир на интереси и корупција на локално ниво содржи вкупно 15 студии подготвени во рамки на 15 истражувачки и мониторинг проекти, спроведени во периодот јули – октомври 2014 година, на територијата на Република Македонија. Проектите беа спроведени, а извештаите подготвени од 15 граѓански организации кои работат на територијата на целата држава.

Збирката е дел од проектот „Граѓанска мрежа за спречување на конфликт на интереси во јавната администрација“, финансиски поддржан од Европската Унија, а имплементиран од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС), Институтот за економски стратегии и меѓународни односи „Охрид“ (ОИ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ).

Генералната тема која ја обработуваат студиите е насочена кон прашањето за застапеност и превенција од судирот на интереси и корупцијата во локалната јавна администрација. Секој од трудовите во оваа збирка како единица на анализа го зема локалното ниво на владеење, при што се застапени повеќе специфични теми и аспекти поврзани со полето на интерес.

Трудовите во оваа збирка на свој увид имаат вкупно 30 единици на локалната самоуправа во Македонија, факт што ја прави збирката особено значајна за заинтересираните страни. Дополнително, студиите се структуирани како документи за јавни политики и со тоа нудат практични препораки за надминување на идентификуваните слабости кои можат да бидат особено корисни за креаторите на јавни политики и донесувачи на одлуки на локално и национално ниво.

Збирката е поделена на четири тематски целини: Јавни набавки, Судир на интереси и корупција, Вработување, унапредување, мобилност и систем на заслуги и Транспарентност и отвореност на институтциите, можности за граѓанско учество.