strategija

Како резултат на заедничката работа на вкупно 17 граѓански организации од целата држава, задоволство ни е да ја претставиме Граѓанската стратегија за спречување судир на интереси во јавната администрација. Стратегијата претставува документ на патокази преку кој граѓанските организации можат да ја темелат својата идна работа и активности во спречувањето судир на интереси и подобрување на антикорупциските политики.

Поделена на четири тематски делови (Транспарентност; Јавни набавки; Вработување, унапредување, мобилност и систем на заслуги; Судир на интереси и антикорупциска политика), Стратегијата презентира низа можности за акции на граѓанскиот сектор кои самите граѓански организации ги воочуваат како клучни во следниот период. Документот опфаќа широко поле на делување, а може да биде користен од секој субјект кој се обидува да ја пронајде својата улога во низата акции кои граѓанското општество засилено ги спроведува во борбата со корупцијата. Се надеваме дека документот ќе послужи како инспирација за граѓанските организации кои работат во оваа област.

Разработените насоки за активности во Стратегијата се темелат на искуствата, мислењата и очекувањата на граѓанските организации кои учествуваа во изработката. Стратегијата беше подготвена преку две работилници (Охрид, 3-4 декември 2014 и Берово, 3-4 март 2015) и процес на консултации меѓу организациите спроведен преку онлајн алатки.

Документот може да се преземе на следните линкови mk en

Граѓанската стратегија за спречување судир на интереси во јавната администрација е изработена во рамки на проектот „Граѓанска мрежа за спречување на конфликт на интереси во јавната администрација“. Проектот е спроведуван од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС), Институтот за економски стратегии и меѓународни односи „Охрид“ (ОИ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ), а е овозможен со финансиска поддршка на Европската Комисија преку програмата IPA Civil Society Facility.