usaid-borba-protiv-korupcija

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), во партнерство со Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, Транспарентност Македонија и Асоцијацијата за демократски иницијативи, ве поканува на форумот „Политики за антикорупција“ што ќе се одржи на 14 октомври 2014 година (вторник) од 11 до 13 часот во хотелот Холидеј ин во Скопје.

На форумот ќе биде презентиран Извештајот за проценка на корупцијата во Македонија кој дава основен преглед на состојбите и динамиката со корупцијата и мерките за справување со неа во периодот 2002 – 2013 година. Извештајот е резултат на анкета со населението и со бизнисите и на секундарно истражување, а го подготви тим на истражувачи на МЦМС и на Центарот за изучување на демократијата од Бугарија. Клучните области на кои се однесува извештајот се: ниво на корупција, национални политики и закони кои ја третираат корупцијата; примената на политиките и законите низ праксата на државните институции (спроведување на законите и ефикасност на институциите); ефикасноста на судскиот систем во справувањето со корупцијата; корупцијата и економијата; улогата која ја игра граѓанското општество во антикорупциските напори; и соработка со меѓународните институции во областа на антикорупцијата. При истражувањето и подготовката на извештајот за прв пат е применет Системот за следење на корупцијата кој обезбедува детални информации за типовите, нивото и трендовите на корупцијата во државата како и нивна длабинска анализа.

Извештајот за проценка на корупцијата е дел од програмата на УСАИД за антикорупција што ја спроведува МЦМС во партнерство со Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, Транспарентност Македонија и Асоцијацијата за демократски иницијативи.