ocenka20092014

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (ИДСЦС) во периодот 15 мај – 15 јуни 2014 година, во рамки на проектот „Собранието под лупа, засилување на политичката дебата и делиберативниот дискурс“ спроведе истражување на јавното мислење околу перцепциите на граѓаните за работата на Собранието.
Истражувањето е спроведено по пат на теренска анкета лице в лице на 1000 испитаници, при што се земени предвид половите, возрасните, етничките, образовните и просторните специфики на населението.
Анкетата е составена од 26 прашања.
Некои од клучните наоди на истражувањето во однос на досегашната работа на Собранието се:
· 48,9% од испитаниците сметаат дека пратеникот од нивната изборна единица не е достапен за средби со граѓаните, а 40,2 дека е достапен.
· 54,7% од испитаниците сметаат дека пратениците не ги информираат граѓаните за својата работа, а 31 дека ги информираат.
· 50,4% сметаат дека расправата помеѓу мнозинството и опозицијата придонесува за создавање на поквалитетни закони, а 38% се со спротивен став.
· Високи 78,5% сметаат дека комисиите во Собранието треба да вршат надзор врз спроведувањето на законите од страна на министерствата.
· 52,6% сметаат дека пратениците во некои случаи користат недоличен јазик во расправите, а 30,8% дека пратениците тоа го прават често.
· 46,4% сметаат дека пратениците ретко ги образложуваат со аргументи своите ставови и позиции во расправите, а 29,5% дека тоа се случува често.
Во поглед на очекувањата од новиот состав на Собранието, дел од клучните наоди се:
· 88,5% од испитаните сметаат дека новиот состав на парламентот треба да обрне поголемо внимание на квалитетот на законите.
· 82,4% сметаат дека новиот состав на Собранието треба да ја зголеми контролата врз работата на Владата.
· 76,5% сметаат дека мнозинството во Собранието треба да има повеќе слух за ставовите на опозицијата.
· 75,4% сметаат дека новиот состав на Собранието треба да биде поактивен при предлагањето и изготвувањето на законите.

Проектот „Собранието под лупа, засилување на политичката дебата и делиберативниот (дебатен) дискурс“ финансиран од Европската Унија има за цел да го измери квалитетот и степенот на аргументираност на дебатата во Собранието. Во таа насока, покрај испитувањето на јавното мислење околу работата на Собранието, ќе се врши и 10 месечен мониторинг на дебатата во дел од собраниските комисии и на пленарните расправи.
Како основна алатка во набљудувањето ќе се користи Индексот за квалитет на дебата (Discourse Quality Index) кој досега е користен при сличен мониторинг во повеќе национални парламенти на земји членки на ЕУ како и во Европскиот парламент. Тој ќе овозможи да се оцени нивото на аргументираност на говорите во расправите, степенот на почитување меѓу пратениците и нивните аргументи, степенот на користење на недоличен говор и подготвеноста на народните избраници за менување на сопствените ставови и позиции под сила на квалитетни аргументи изнесени во дебатите.
Проектот се спроведува во период од 16 месеци со вкупен буџет од 121.315 евра.