steiner

Одлуките не мора да се носат со консензус, но многу е важно засегнатите страни во општеството кога расправаат за различни прашања да ги поткрепуваат своите ставови со квалитетни аргументи и да почитуваат и слушаат аргументите на своите противници. Аргументираното дебатирање и почитувањето на спротивставените мислења, ставови и генерално на неистомислениците се учи од најрана возраст во семејствата и во образовниот систем, смета швајцарскиот професор по политички науки и експерт со меѓународен углед, Јург Штајнер.

На предавањето за основите на делиберативната демократија кое го одржа минатата недела во Инфо центарот на канцеларијата на Еу во Скопје пред членови на младинските организации на повеќе политички партии, претставници на невладини и граѓански организации и универзитетски професори, посочи дека квалитетната и отворена дебата за прашањата од јавен интерес и јавните политики е од исклучително значење за секое општество и е една од основните вредности на демократијата која не значи само гласање на избори.

Според него, повеќе не е доволно јавноста и гласачите само да бидат информирани за одлуките, туку тие треба да бидат во тек и со процесот на кој тие одлуки се носат и создаваат. Затоа, јавноста треба да ги знае аргументите со кои се образложуваат одлуките и да има можност да учествува во расправата за јавните политики.

Ова се само дел од поентите на Штајнер кој предава на универзитетите Северна Каролина и Берн и е автор на повеќе значајни книги од областа на делиберативните политики и модели на градење на политички одлуки. Според Штајнер, аргументираната дебата е од уште поголемо значење за општества кои минале низ воени конфликти, или, во кои постои силна меѓуетничка, идеолошка или политичка тензија. Седнувањето на маса и отворената дебата за прашањата кои ги засегаат, се покажува како добар механизам за ублажување на контрастите во поделените општества и во намалување на затегнатоста, но под услов страните кои разговараат тоа да го прават со искрени намери.

Штајнер е еден од авторите на Индексот за квалитет на дебата (DQI, Discourse Quality Index) според кој досега е мерен квалитетот на дебатата во Европскиот парламент како и во повеќе национални законодавни домови во светот. Индексот е основата и врз која Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за централна, источна Европа и Балканот (IECOB) во рамки на проектот „Парламентот под лупа, засилување на политичката дебата и делиберативниот дискурс“ финансира од Европската унија ќе вршат 10 месечен мониторинг во македонското Собранието со цел да се измери квалитетот на дебатата во парламентот.

Сознанијата добиени од набљудувањето ќе бидат основа за организирање на обука за подмладоците на најголемите политички партии во земјава за аргументирано дебатирање и вклучување на јавноста при носењето на одлуките и создавањето на јавните политики. Со ова, целта е да се подигне политичката култура кај младите претставници на партиите кои во иднина може да дојдат во положба да ги ги претставуваат гласачите.

Институтот за демократија на предавањето ја имаше можноста пред учесниците да го презентира проектот и методологијата според која ќе се врши набљудувањето кое ќе биде поткрепено и со истражувања на јавното мислење и мониторинг на медиумското известување за работата на Собранието.

Предавањето на професорот Штајнер беше организирано од Preparing Global Institute (PGL), Институтот за демократија и Институтот Охрид.