regionalna koalicija za antikorupcija

Политичкиот притисок, недостигот на независност и капацитет на институциите – главни предизвици во борбата против корупција во регионот

Во повеќето од државите во регионот се врши политички притисок врз институциите врз работата на судскиот систем и врз националните антикорупциски агенции, е еден од заклучоците на анализата за актуелните состојби и корупциските предизвици во земјите од Југоисточна Европа.
Недостатокот на политичка волја за справување со корупцијата, недоволниот институционален капацитет и независност на агенциите го забавува спроведувањето на антикорупциските политики. Резултат на ова е присуството на корупцијата и на највисоко политичко ниво кое тешко се истражува заради широк политички имунитет за функционерите.
Другите истражувани предизвици се недостигот на транспарентност во финансирањето на политичките партии, нетранспарентноста во управувањето и дистрибуцијата на државниот буџет, особено во процесот на јавните набавки како и конфликтот на интереси и ниската законска регулација за него.
Приватните интереси имаат изразено економско влијание и можат да вршат надворешен притисок што се одразува на курсот на владеење. Корупцијата го шири своето влијание во економските текови, најчесто одбивајќи ги странските инвеститори кои немаат позитивна перцепција за развивање и ширење на своите бизниси во земјите од ЈИЕ.
Покрај проблемите, анализата ги констатира и позитивните напори за воспоставување институционални основи за справување со корупцијата.
Истражувањето е направено од страна на мрежата СЕЛДИ во која учествуваат Институтот за Демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Охрид Институтот за меѓународни и економски стратегии (ОИ). Спроведено е во Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Македонија, Косово, Црна Гора, Србија и Турција. Наодите се резултат на анализа на секундарни податоци во секоја од земјите.
Мрежата СЕЛДИ ќе подготви стратегии, ќе ги проши партнерствата за што посеопфатна борба во спречувањето на корупцијата и развивањето соработка помеѓу владиниот и граѓанскиот сектор како главни актери кои можат и мораат да влијаат на состојбите.
Анализата е подготвена во рамките на проектот „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во југоисточна Европа: градење на капацитети за мониторинг, застапување и подигање на јавна свест“, финансиран од Европската Унија.
Во прилог е регионалниот преглед од анализата на македонски јазик и целата анализа на англиски јазик.

20 март 2014 година

Скопјe