sobranieto pod lupa

Како дебатираат пратениците? Дали битката во Собранието се води со издржани аргументи и почитување на спротивните ставови, или дебатата за законите се губи зад монолози полни со недоличен говор, лични напади, обвинувања и ниски удари?
Институтот за демократија СОЦИЕТАС ЦИВИЛИС Скопје (ИДСЦС) и Институтот за Централна, Источна Европа и Балканот (ИЕЦОБ) почнаа проект за мониторинг на квалитетот на дебатата во македонското Собрание. Целта е емпириски, преку пресметување на „Индекс на квалитет на дебата“ – (DQI) да се дојде до сознание за тоа колку е аргументирано она што народните избраници го изнесуваат во законодавниот дом и колку различните ставови придонесуваат во создавањето на законите.
Притоа, во проектот ќе се анализира и како медиумите во јавноста ја пренесуваат работата на пратениците. Дали при известувањето фокусот се става врз суштината на расправите или информациите за скандалите, препирањето и недоличниот говор го заземаат централното место во извештаите на јавните гласила?
Во рамки на проектот ќе се одржат и обуки за подмладоците на политичките партии во насока на тоа како аргументирано да се води дебата со цел општеството да добие што поиздржани политики.
Активностите од проектот ќе се спроведуваат во периодот март 2014 до јуни 2015 година, во вкупен период од 16 месеци.
Крајната цел на активностите е да го подобри квалитетот на политичката дебата и аргументацијата при создавањето и развивањето на политики во Република Македонија. Целта е да се создаде култура на дебатирање засновано на аргументи и поголема вклученост на јавноста во создавањето на јавните политики, како и да се поттикнат партиските подмладоци да негуваат аргументирано изразување.
Проектот „Парламентот под лупа, засилување на политичката дебата и делиберативниот дискурс во Република Македонија“ е финансиран од Европската комисија преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права – ЕИДХР.