zagreb201322013119708

Илина Мангова, од Институтот за демократија и Борјан Ѓузелов од Македонскиот центар за меѓународна соработка учествуваа на меѓународната конференција „Добро владеење од меѓусекторска перспектива“ која се одржа во Загреб на 7 и 8 ноември 2013 година. Конференцијата, која беше организирана од Регионалната програма за поддршка на истражувањата во Западен Балкан и Европскиот фонд за Балканот, послужи да се направи преглед на најважните проекти за јавни политики и истражувања во областа на доброто владеење во Западен Балкан, како и за да се дискутираат концептите за „доброто“ и „лошото“ во доброто владеење. Конференцијата исто така овозможи да се приближат истражувачите и креаторите на јавни политики и да дискутира како да се изградат мостови меѓу двете страни.
На конференцијата учествуваа 60 истражувачи и креатори на јавни политики од регионот и пошироко, а истата беше структурирана во следниве панел дискусии: „Добро владеење преку креирање политики засновани на докази“,„Добро владеење во контекстот на евроинтеграција“, „Креирање побарувачка за добро владеење на Балканот – До каде сме? Како да продолжиме?“, „Менаџмент, ефикасност и отчетност – Доброто и лошото во владеењето на Балканот“, „Добро владеење на регионално и локално ниво, интеграцијата и доброто владеење“, „Добро владеење, граѓанско општество, демократија и евроинтеграција“,„Поуки за јавни политики во Западен Балкан: Малите победи се бројат!“.
Мангова и Ѓузелов ја презентираа студијата „Респонзивност на политички елити: Експериментални докази од Балканот“. Нивната студија комбинира лабораториски и природен експеримент кој беше спроведен во Македонија, Црна Гора и Србија. Трудот ја истражува респонзивноста на политичките елити во интеракција со обичните граѓани преку тестирање на три нивоа на респонзивност како индикација на постигнатото ниво на владеење: основно ниво на респонзивност; повисоко ниво на респонзивност и подготвеност да се повикува Владата на одговорност. Ова компаративно истражување донесува емпириски податоци во академските истражувања на демократијата и доброто владеење на Балканот и ја отвора вратата за експериментална поличка методологија која е во подем во политичките науки, но сепак не е добро позната во Југоисточна Европа.
Ве молиме кликнете на овој линк за да ја прочитате агендата од конференцијата.