idscs logo

Институтот за демократија се придружи кон заедничката реакција на вкупно 58 граѓански организации со која се зголемува гласноста на забелешките и сугестиите во врска со предвидените решенија за констатираните проблеми во Секторот XI – Медиуми и граѓанско општество од Државната програма за превенција и репресија на корупција и Државната програма за превенција и намалување на појавите на судир на интереси со Акционен план за 2011-2015. Во писмената реакција се потенцира важноста на граѓанските организации и граѓанското општество за развој на демократските вредности и заради остварување на правата на граѓаните. Правото на слободно здружување е загарантирано со Уставот на Република Македонија, член 20
„На граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.“
Во Државните програми со Акционен план наместо зајакнување на соработката со граѓанскиот сектор во борбата против корупцијата се утврдува потреба од менување на правната рамка за граѓанскиот сектор, со што би се наметнале нови обврски кои се спротивни на основната цел, улога и активности на граѓанскиот сектор – да биде “watchdog” или контролор врз работата на јавниот сектор.
Не сакаме да веруваме дека ДКСК има намера да предложи преку измена на Законот за спречување на корупцијата и Законот за спречување на судир на интереси воведување на обврски за граѓанскиот сектор што единствено ќе значи контрола од јавниот сектор врз граѓанскиот сектор, а во суштина треба да е обратно. Затоа, бараме од вас ревидирање на Секторот XI – Медиуми и граѓанско општество од Државните програми со Акционен план во кој овие предлози ќе бидат земени предвид.