Во продолжение следат главните наоди:

Граѓаните се генерално задоволни од Владата:

На генерално ниво мнозинството од граѓаните ја одобруваат работата на Владата.  Сепак оваа поддршка е помалку евидентна кога испитаниците се прашани за конкретни политики и проекти на Владата. Запрашани за нивните перцепции за работата на Владата, повеќе од половина испитаници (54.1%)  одговориле дека ја одобруваат.  Малцинство на граѓани (37.8%) рекле дека не ја одобруваат работата на македонската Влада

Владини стратешки приоритети – три од пет позитивно оценети:

Од аспект на подобрување на евроатланските интеграции, меѓуетнички односи и борбата против криминалот и корупцијата, мнозинството граѓани (51,1% – 56,5%) сметаат дека Владата работи добро.  По останатите декларирани стратешки цели од страна на Владата: економскиот развој и  образованието,   мислењето кај јавноста е поделено. Граѓаните се поделени и околу политичкиот однос на Владата во врска со подобрувањето на  инфраструктурата.

Граѓаните  начелно сметаат дека Владата не прави доволно за реформите во јавната администрација, судството и  слободата на медиумите:

Јавноста не се согласува дека Владата прави се што е неопходно по однос на клучните забелешките упатени во последниот извештај на ЕК. Таков став имаат мнозинство од граѓаните по однос на реформите на судството, јавната администрација како и слободата на медиумите.

Министерството за здравство – мајка и маќеа за етничките Македонци; за етничките Албанци, Министерство за правда најдобро, а Министерството за економија најлошо оценето:

Министерството за здравство истовремено е најдобро и најлошо оценето во својата работа од страна македонската јавност. Најголем процент (32,9%) од етничките Македонци гласале за ова Министерство, а против биле 30% од нив. Политичката поларизираност на граѓаните влијае на овој став на јавноста. Кај етничките албански испитаници најдобро рангирано е Министерството за правда (28%), додека своето незадоволство најмногу го изразиле кон Министерството за економија (34,9%). Половина од испитаниците, не посочиле конкретни министерства. Во оваа група две третини сметаат дека ниту едно министерство не работи добро/добро работи.

Економската состојба заеднички приоритет, етничките Албанци за исклучително важно го сметаат и образованието:

Економската состојба е најголем заеднички приоритет на граѓаните без оглед на етничка или партиска припадност. Тоа што може да се забележи кај преференциите на етничките албански испитаници е дека образованието има висок приоритет што не е случај кај етничките Македонци (за образованието како област на која граѓаните лично посакуваат Владата да и посвети внимание се изјасниле 48,8% етнички Албанци и 10,2% етнички Македонци).

Повеќето граѓани го подржуваат Скопје 2014; тие што не го прифаќаат сметаат дека парите можеа да се искористат поинаку:

Мнозинство од граѓаните (51,1%) го подржуваат проектот Скопје 2014.  Големо мнозинство од испитаните етнички Албанци не го прифаќаат проектот додека 59,1% од етничките Македонци го прифаќаат. Една четвртина од етничките Албанци го прифаќаат проектот. Големи мнозинства на симпатизерите на СДСМ, ДУИ и ДПА не го прифаќаат проектот како и мнозинство (53,3%) од неопределените.  Од оние на кои не им се допаѓа, две третини сметаат дека парите можеле да се искористат на друго место.  Ова е заедничка перцепција без оглед на етничката припадност и предничи пред естетските или етничките причини за не прифаќање на проектот.

Опозиција- власт / два паралелни политички света, неопределените умерени:

Преовладува силна политичка поларизација на ставовите за повеќето прашања.  Перцепцијата за политичката реалност е исклучително спротивна кај партиските симпатизери од различни табори. По повеќето прашања испитаниците не успеваат да се издигнат над својата партиска  наклонетост. Од аспект на структура на ставови, партиските симпатизери покажуваат слична конзистентност (доследност), но тврдокорноста (ригидноста) на ставовите е поизраснеа кај симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ. Половината од испитаниците, кои се изјасниле како партиски неопределени покажуваат умереност во ставовите и перцепциите.

Етничките Албанци доминантно критични:

Без разлика на партиската припадност тоа што може да се констатира кај етничките Албанци е повисоко ниво на критичност. Прашани за општ впечаток, симпатизерите на ДУИ се благо критични кон Владата, но прашани за владините политики тие се изразено критични.

Целиот извештај можете да го превземете тука. [pdf]

alt