logo

Блог: Лажни митови за опасноста од двојазичноста

Share on facebook
Share on twitter

Како и со низа други прашања кои имаат етно-симболични набој, денешното сфаќање на повеќејазичноста во Македонија е базирано на митови и нерационални аргументи кои немаат допирна точка со реалноста.

Изборен циклус по изборен циклус, предизборната кампања во Македонија е типично врзана за етно-националистичката реторика. Едно од прашањата за кое ќе се зборува пред декемвриските избори е повеќејазичноста и нејзиното регулирање во земјата. И тоа не е воопшто лошо. Јазичната политика е ретко тема на јавниот интерес. Но, тоа што е лошо се основните постулати при размената на изјави и соопштенија меѓу политичките актери, имено, повеќејазичните политики како предворје за федерализација, па дури и уништување на државата. Ваквата перспектива е апсолутно неточна.

На средината на септември лидерот на СДСМ Зоран Заев во интервју за еден портал ги повтори своите лични и партиски ставови за унапредување на повеќејазичноста како придобивка за Македонија. Веднаш, медиумите и порталите поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, како и самата партија, изјавата на опозицискиот лидер ја изедначија со повик за федерализација на земјата. СДСМ експресно демантираше, побрзувајќи да сподели со јавноста дека не се работи за „двојазичност на целата територија“. ВМРО-ДПМНЕ, пак, се обиде да се претстави како чувар од страшилото наречено „двојазичност“ – во говорот на Никола Груевски на недамнешниот партиски собир, двојазичноста се најде во иста реченица со „промената на името“, најстарата карта во етно-националистичката реторика на владеjачката партија.

Како и со низа други прашања кои имаат етно-симболични набој, денешното сфаќање на повеќејазичноста во Македонија е базирано на митови и нерационални аргументи кои немаат допирна точка со реалноста, ниту во националната приказна, ниту во компаративните примери.

jovan

Македонија со децении е де-факто земја со службена повеќејазичност

Првиот мит е дека повеќејазичноста, па макар и таа на целата територија на државата, е нова работа и повеќе од тоа, дека претставува опасност која допрва ќе ја почувствуваме. Всушност, повеќејазичноста е предвидена во образованието и во комуникацијата со државните органи, веќе со Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1963-та година (и реафирмирана со Уставот од 1974 година) и тоа на доста напреден начин. Тогашниот Устав предвидува рамноправност со македонскиот јазик при употребата на јазиците на тогашните „народности“ (следејќи ја уставната терминологија)  на подрачја на која живеат поголем број припадници од одредена група различна од македонската. Уставот од 1991-та ги реафирмира овие правила, гарантирајќи им  на „националностите“ (повторно ја следам уставната терминологија), наведени во Преамбулата, право на употреба на својот мајчин јазик и во комуникацијата со институциите на локалната власт (доколку во одредена општина 50% од населението припаѓа на одредена националност) и во основното и средното образование. По конфликтот во 2001-та овие права на користење беа надградени, имено, „заедницата“ (повторно ја следам уставната терминологија) над 20% на национално ниво доби можност да го користи својот мајчин јазик во службена употреба на национално ниво и во високото образование. За „помалите заедници“, пак, употребата на локално ниво беше олеснета – тие, по уставните измени, можат да го користат својот јазик во комуникацијата со локалните органи доколку составуваат 20% од населените на ниво на единица на локална самоуправа. Следствено, Македонија е де-факто земја со службена повеќејазичност и тоа со децении, а со службена двојазичност на национално ниво веќе 15 години.

Повеќејазичноста е карактеристика и за унитарните и за федералните држави

Второ, службената повеќејазичност во современиот свет е воспоставена кај многу унитарни држави и не претставува ненормалност (уште еден мит кој често го слушаме). Вистина е дека најпознатите примери на повеќејазичност ги следиме кај федерации (Белгија, Канада, Швајцарија), меѓутоа тоа воопшто не е правило. Ќе понудам само неколку примери на унитарни држави во Европа кои практикуваат различни модели на повеќејазичност. Словенија им овозможува напредни јазични права на Италијанците и Унгарците од своето осамостојување; Италија во неколку свои провинции овозможува службена употреба на повеќе јазици различни од италијанскиот; а изразито успешен пример за унитарна држава со два службени јазика на целата територија е Финска, каде финскиот и шведскиот се службени јазици, иако шведската лингвистичка група составува само 5% од вкупниот број на населението. Покраината Војводина во Србија, пак, има дури шест службени јазици без да воспостави понатамошни внатрешни административни или територијални поделби. Следствено, повеќејазичноста е карактеристика и за унитарните и за федералните држави – не постои правило според кое една земја ќе стане федерација доколку има два или повеќе јазика во службена употреба. Меѓутоа, етно-националистичката реторика во врска со лингвистичките права може да биде сериозна опасност за општествената кохезија, која, доколку продолжи да се разнишува може да доведе и до поделби на државно-административните нивоа.

Последнава мисла ме води и до мојата трета поента во овој текст и е тесно врзана со односот на политичките елити кон ова прашање. Промените на Уставот од 2001-та ја замислија Македонија како држава во која службен јазик е македонскиот, но службен јазик е и оној кој го зборуваат 20% од граѓаните, односно албанскиот јазик. Во 2008-та, новоформираното парламентарно мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ предложи закон (популарно познат како „Закон за јазиците“) кој во низа одредби креираше порестриктивни правила за употреба на јазиците различни од македонскиот. Имено, со законот беше предвидено дека Албанец може да комуницира со централното министерство само доколку живее во општина во која 20% од населението припаѓа на албанската заедница. Спротивно од тоа, Уставот не познава такво ограничување. Споменатата одредба од законот е пример преку кој може да се воочи дека владејачката коалиција во изминатиов период употребата на јазиците на немнозинските заедници ја подразбираше чисто територијално. Во теоријата, т.н. „територијално“ право за употреба на јазик е она кое е ограничено на одредена територија, додека „персоналното“ право е она кое е врзано за личноста, односно колективот, и може да се практикува на целата територија на земјата.

Двојазичност на целата територија не подразбира никаква принуда за користење на некој јазик

Промоцијата на територијални, наместо персонални јазични права може да биде директна опасност за федерализација на земјата, од проста причина што самата федерализација и напредната територијална поделба во разни сфери одат рака под рака. Персоналните права, односно да го искористам непосакуваниот термин „двојазичност на целата територија“, даваат добра основа за зачувување на унитарноста во македонскиот случај.

За крај, што всушност подразбира двојазичност на целата територија? Спротивно на конвенционалниот мит, под двојазичност на целата територија не се подразбира никаква принуда за користење на некој јазик, за која било од заедниците во земјата, вклучувајќи ја секако и мнозинската. Двојазичноста едноставно значи дека нашите сограѓани од албанската заедница можат да се користат со својот мајчин јазик во низа ситуации на комуникација со државните органи. Тука не постои штета кон ниедна индивидуа или колектив, зборуваме за чисто овозможувачка операција. Токму ова ја прави приказната за „двојазичноста како опасност“ изразито апсурдна.

Би сакал да видам политичка партија во Македонија која отворено и гласно ќе се заложи за што понапредна повеќејазичност во земјата. Преку тоа гледам начин да се подигне кревката општествена кохезија меѓу заедниците, со децении нарушувана од неодговорни политички елити и грубите и неточни митови кои тие ги произведуваат и/или искористуваат.

Јован Близнаковски е член на Институт за демократија „Социетас цивилис“ од Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле.

 

 

Поврзани објави