logo

Блог: Комисија за големи проекти или швајцарски принцип на надзор на големите државни инвестиции

Share on facebook
Share on twitter

Швајцарците 40 години дискутираа како да изградат нови железнички линии и премини преку Алпите. На крајот ги договорија рутите и насоките. Сите се задоволни. Сите кантони, партии и граѓани се согласија со огромниот проект за проширување на мрежата на за нив најважниот начин на превоз – железницата. Со оваа рута ќе се намалат часови возење меѓу повеќе делови на планинската земја. Дополнително, со оглед на подрачјата каде се гради целиот проект наречен New Rail Link through the Alps (NRLA) се работи за коплициран градежен и инженерски зафат.

Се разбира, за сето ова во 1998 е спроведен референдум на кој граѓаните одобрија вложување на 30 милијарди швајцарски франци во овој проект и во неколку други слични.

Изградбата почна во 1999. Проектот вклучува пробивање на џиновски тунели под највисокиот планински масив во Европа низ кои возовите треба да возат со брзина од 250 километри на час. Во 2016. како дел од проектот е пуштен во употреба тунелот Готард, долг 54 километри, низ кој максималната брзина на возовите е 275 километри на час. 

Швајцарски надзор над изградбата на тунелите под Алпите

Според логиката на Швајцарците најширокиот можен консензус во општеството за овој проект не беше доволен за тој да почне се спроведува. За толку големи пари на граѓаните мора да се воведе и соодветен надзор кој ќе обезбеди најтранспарентно и најефикасно трошење на парите за изградбата. Затоа швајцарскиот парламент, штом ги одобри парите за проектот, формира и соодветна парламентарна комисија за надзор над NLRA.

Комисијата брои 12 пратеници кои пропорционално ги претставуваат сите парламентарни партии во земјата. Нивната работа е да го следат секој чекор од спроведувањето на проектот. Секој договор, секоја рата која се исплаќа, темпото на изградба, градежните зафати, градежните проблеми. Надгледуваат и како државните органи ја следат изградбата на теренот и како реагираат. Надгледуваат како се планира секоја етапа од проектот, како се спроведува и како се троши секој франк, па дури и ако се работи за пробивање на роковите и буџетите. Секако и тоа е возможно сѐ додека е оправдано и рационално. Буџетот за проектот е пробиен повеќе пати и тоа за милијарди франци, но како што се наведува, најголемата причина се зголемувањето на безбедносните стандарди и мерки во тунелите и вградувањето на најнова технологија. Не може да се забележат извештаи за промашени траси или етапи.

Покрај другото, Комисијата во 2014 година заклучи дека граѓаните и јавноста не се квалитетно информирани за сите настани, етапи и документи од големиот проект па треба да се изработи посебна интернет страница на која сите информации ќе бидат објавени и објаснети. Порталот е поставен и прилично јасно ги дава сите потребни информации дури и за странец – https://www.alptransit-portal.ch  .

Да не се чека само на Владата, туку и Собранието да ги нагледува сите големи проекти

Ваков систем на двојна или тројна контрола на трошењата и изведбата на големите проекти е потребна и во Македонија. Само да се потсетиме, автопатот Кичево-Охрид според првичните проценки ќе повлече дополнителни над 100 милиони евра за да се исправат недостатоците при планирањето и градбата. Претходно, при изведби на дел од објектите од проектот Скопје 2014 година се случуваше за еден објект да се склучи договор на една сума, а потоа со дополнителни анекс договори до крајот на градбата таа сума да се зголеми за 3 до 4 пати.

Кога би граделе куќа тоа значи дека во првата пресметка на трошоците сте заборавиле да ги вклучите покривот и темелите. Добар домаќин или одговорни институции тоа не може да си го дозволат. Особено не вторите, бидејќи за секоја грешка трошат од парите на граѓаните, а не од сопствените.

Затоа, предлогот е Собранието да формира слична комисија за надзор над големите инфраструктурни и енергетски проекти во која пропорционално ќе бидат застапени сите политички партии. Во нејзина надлежност да бидат сите големи проекти кои се спроведуваат во државата, а чија вредност надминува да речеме 100 милиони евра. Комисијата ќе има помош од експерти во соодветната област и ќе има дополнителен административен персонал кој ќе ѝ помага во работата.

Ќе ги надгледува фазите на планирање на големите проекти, фазите на задолжување,  на спроведување на тендерските постапки за изведувачите и содржината на договорите, на подготовка на теренот, на одвивањето на работите, на исполнувањето на етапите и роковите и на трошењето на парите. Комисијата ќе надгледува и како надлежните државни органи се справуваат со задачите и дали соодветно ги остваруваат своите надлежности, а при најмал проблем или нејаснотии во постапките или изведбата комисијата ќе може независно да ја алармира јавноста или да ги повика институциите на одговорност.

Со тоа Собранието, независно од владата и надлежното министерство, постојано ќе го следи извршувањето на големите проекти. Нема да има потреба да се чека само на податоците од надлежното министерство или владата или посета на терен на министер или премиер кои во изјава за медиумите ќе убедуваат дека сѐ тече според плановите, па потоа да мораме да им веруваме или да се сомневаме во вистинитоста на нивниот исказ.

Подобар систем за спречување на идни милионски пропусти

Парламентарната комисија паралелно би ги добивала сите известувања, проектни документи и информации, а во кое било време нејзините членови би можеле да отидат на лице место и да извршат увид. Комисијата во кое било време би имала право да повика сведоци вклучени во спроведувањето на проектот или експерти и да добие нивно мислење. Со самото учество на претставници од сите партии ќе биде прилично тешко да се скрие од јавноста ако има некакви проблеми. Такво нешто очигледно доста успешно се случуваше во минатиот период имајќи предвид дека штетата од ваквиот молк сега ќе нѐ чини дополнителни над 100 милиони евра од само еден проект.

Според овие критериуми, чисто да претпоставиме дека ваква комисија постои, таа денеска ќе се занимаваше со надзор врз изградбата на автопатите Кичево-Охрид, Миладиновци-Штип, Демир-Капија – Смоквица, проектот Скопје 2014 и гасификацијата. Сите овие проекти чинат по над 100 милиони евра и за сите се врзани сериозни коруптивни скандали.

Ако на ваквиот систем се воведе и обврска за годишна длабинска ревизија на проектите од страна на Државниот завод за ревизија и на други контролни органи од градежната област, можеме да добиеме значително подобра рамка со која ќе се спречат идни слични грешки кои сериозно го гризат буџетот и имаат голем потенцијал за корупција и злоупотреба на положбата.

Ако Швајцарија одлучила да воведе посебен надзор за проект од над 20 милијарди франци, за нас и 100 милиони евра се премногу. Мора да се отворат многу повеќе очи и уши кога се трошат „големите пари“.

Јане Димески е член на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле.

Поврзани објави