Блог: Етноцентричен маѓепсан круг и новата влада: како во првите 100 дена?

jovan

Блог: Етноцентричен маѓепсан круг и новата влада: како во првите 100 дена?

Eтнички прашања /Блог или веб коментар /Блогови и соопштенија /Коментар

Конституирањето на новата влада, најавена како влада која ќе се впушти во изградба на „едно општество за сите“, се одвива во изразено неповолна општествена клима за спроведување на еден таков проект. Од друга страна, потребата од таков владин пристап е несомнено оправдана: македонското општество страда од критична поделеност по етничка, лингвистичка и религиозна линија која претставува пречка за општествената соработка и генерира потенцијал за конфликти. Сепак, различностите сами по себе не претставуваат препрека за соработка, туку препреките произлегуваат од третманот на различностите во општествените односи. Новата влада предводена од СДСМ мора да воспостави сосема нова практика во начинот на кој државата управува со етничките разлики и во начинот на кој управувањето се презентира во јавноста.

Многу е направено за зголемување на недовербата

Во последните десетина години, државата направи многу малку за да ја зголеми довербата меѓу етничките заедници. Напротив, недовербата се зголемуваше додека владејачките елити водеа политика на „раздели па владеј“. Многу од реформите иницирани со Охридскиот рамковен договор кои требаше ефективно да ги затворат отворените несогласувања беа спроведувани без должното внимание за нивните импликации. Коалициски партнери кои го сочинуваа владиниот кабинет често ги третираа меѓуетничките прашања од позиција на „илегала“. Иако тој владин состав постапуваше проактивно во однос на неколку прашања кои допираат до статусот на заедниците, истовремено (барем кон македонската заедница), се обидуваше да креира слика дека не дозволува никакви поместувања. Паралелно со тоа, провладината медиумска машинерија ја хранеше јавноста со пораки кои го делегитимираат секој обид за зајакнување на општествената кохезија преку заштита и унапредување на правата на заедниците различни од македонската.

Како резултат, денеска живееме во општество во кое нашето расудување за намерите на другиот е во голема мера детерминирано од нашите сопствени предрасуди, произведени во тесни етнички рамки и нахрането од машинеријата за производство на лажни политички митови. Така, дел од јавноста верува дека различноста е опасност, која, доколку се промовира и заштитува, ќе ја доведе државата до распад, а дека „другиот“ е непријател кој активно работи на ваквиот исход. Уште покритично, оние кои не ги „купуваат“ тие лаги и кои сѐ уште веруваат дека државата треба да им припаѓа на сите, не само во теорија туку и во пракса, се стигматизирани како „предавници“ и „платеници“, со еден збор „злонамерници“ кои тргнале против државата и сопствената заедница.

Ваквата општествена слика несомнено кулминира во политичките игри околу трансферот на власта по декемвриските избори кога меѓуетничките односи се најдоа први на удар. Процесот на предавање на власта беше, но и сѐ уште е, проследен со низа контроверзи кои го стигматизираат унапредувањето на државните политики насочени кон статусот на т.н. „немнозински заедници“. Насилните сцени во Собранието на 27 април беа директно поттикнати од сфаќањето дека политиките на унапредување и заштита на различностите се нелегитимни.

Потребен е нов пристап

Земајќи ја предвид севкупната општествена слика, новата влада се наоѓа во навистина незавидна ситуација за исполнување на своите декларативни заложби за изградба на „едно општество за сите“. Владата ќе има двоен товар: ќе треба да се посвети на низа комплексни и сензитивни прашања во делот на унапредување на политиките, но и ќе треба паралелно да работи на креирање на јавно мислење за поддршка на тоа унапредување. Но, тоа што владата не смее да си го дозволи е да ги маргинализира политиките за зајакнување на општествената кохезија заради етноцентристичките предрасуди. Напротив, ќе треба да ја преземе одговорноста да направи сериозни чекори да ги воспостави овие политики како легитимни. Предизвикот е голем, но исклучително вреден за надминување.

Во првите 100 дена од владеењето, новата влада ќе треба јасно да се оддалечи од претходната пракса и да промовира нови принципи по однос на третманот на меѓуетничките прашања. Политиките кои произлегуваат од Охридскиот рамковен договор на ниту еден начин не се опасност за Македонија и идеите за унапредување на истите не можат да бидат третирани и претставувани како нелегитимни. Владата треба недвосмислено да го промовира ваквото разбирање меѓу граѓаните. Таа треба и да превземе активности за вклучување на јавноста во процесите на креирање на политиките кои се однесуваат на статусот на заедниците и нивните меѓусебни односи. Ова произлегува од фактот дека е потребно креирање на што поширока општествена поддршка и што поотворена клима за дебата во однос на меѓуетничките прашања кои во минатото беа неоправдано стигматизирани.

Што е можно во првите 100 дена?

Во првите 100 дена, новата влада треба да се наврати на документот „Преглед на Охридскиот рамковен договор за социјална кохезија“, подготвен во претходниот владин состав во 2015 година, а потоа набрзина заборавен. Сепак, овој документ претставува единствен сеопфатен преглед на ефектите од политиките кои произлегуваат од Охридскиот рамковен договор и на можните правци за унапредување. Како таков, новата влада треба сериозно да ги разгледа неговите наоди и препораки и да ги искористи во интерес на зајакнување на општествената кохезија.

Во првите 100 дена новата влада треба и да ја отпочне процедура за ново законско решение кое ќе го уреди прашањето на користење на јазиците на заедниците. Земајќи предвид дека ова е последното големо незаокружено прашање од Оридскиот рамковен договор, владата не треба да губи време да го затвори. Доследното информирање и вклучување на јавноста ќе биде од големо значење од овој процес. Новата влада треба да го затвори прашањето низ транспарентен процес, без разлика на можните краткорочни општествени превирања: треба да се работи на информирање на граѓаните дека службената повеќејазичност не претставува опасност за државата и општеството.

Конечно, новата влада ќе треба сериозно да работи на подобрување на општествената кохезија преку образовниот систем, прашање кое има долгорочна стратешка важност за земјата. Додека 100 дена е премногу краток период за видливи ефекти во оваа сфера, владата треба отворено да изрази намери кон ова прашање на почетокот од своето владеење. Во тој период, владата треба да иницира процес на планирање за клучните долгорочни активности кои треба да се спроведат, за образовниот систем да се трансформира во фактор на приближување меѓу заедниците.

Севкупно, владата треба да ги посвети првите 100 дена за да сврти нов лист во однос на третманот на различностите во државата. Додека изградбата на „општество за сите“ ќе биде активност која ќе бара повеќе време, почетокот треба да е ефективен и недвосмислен. Секој изминат ден поминат во зајакнување на недовербата, за жал, ги намалува шансите за подигнување на општествената благосостојба, цел која бездруго е споделена од македонските граѓани, без разлика на нивната етничка, лингвистичка или религиозна позадина.

Јован Близнаковски е член на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле.

Блог: Етноцентричен маѓепсан круг и новата влада: како во првите 100 дена?

Share