Блог: Притисокот само го зајакна граѓанското општество

    marko

    Блог: Притисокот само го зајакна граѓанското општество

    Блог или веб коментар /Граѓанско општество /Добро владеење

    Овој февруари, мој пријател и сограѓанин, откако филтерот на прочистувачот за воздух токсично поцрне по само еден месец користење во семејниот дом, реши дека секој ден пред работа ќе ги чека на кафе средба градоначалниците пред нивните кабинети за да разговара околу мерките кои итно треба да се преземат…му се придружија и други…се остарија средби…имаше инцијативи и преземени чекори.

    Овој април локалните иницијатива Спас за Валандово повика на референдум против изградба на рудници за злато охрабрена од успехот и масовната извесност на нивните соседи во Гевгелија. Февруари 2015 студентскиот пленум прогласи автономна зона спротивставувајќи се на законот за високо образование, поддршката беше огромна и лична.

    Во јули 2016,  граѓанската иницијатива за Итни демократски реформи (Блупринт) создаде оперативно упатство за Владата во насока на системско ресетирање согласно итните реформски приоритети и доби поддршка од преку 60 организации. Се собраа 10000 потписи за измени на правни акти за децата со посебни потреби…

    Примерите се бројни, ветувачки и инспиративни. Граѓанското општество во Македонија прерасна во неспорен општествен фактор кој само се засилуваше како што обрачот околу него почна институционално да се затега.

    Привидението за „завршната фаза“ од стабилизацијата на граѓанското општество

    Пред пет, шест години зборувавме за завршна фаза од стабилизација на граѓанското општество. Граѓанските организации изградија завидни капацитети на кадровска експертиза, истражувачки и застапувачки вештини и знаења, извонредност во обезбедување на социјално-хумантиарни и развојни услуги (еманципација на ранливите групи итн.). Овој капитал му овозможи на граѓанското општество да остане дел од општествениот простор кој надвор од семејството, државата и пазарот, создаден и одржуван од индивидуални и колективни акции, организации и институции постигнуваше заеднички цели и јавно добро.

    Сепак истото тоа граѓанско општество (ГО) ни приреди (квази) движењата кои повикуваа на насилство, кои повикуваа на затворање на други граѓански организации. Дополнително неовозможувачката околина за граѓанското општество системски беше градена изминатите неколку години. Намаленото учество во процесот на креирање политики и донесување одлуки во кој 70% од законите во Парламентот беа донесени по итна постапка во 2016 без можност за било каков придонес од страна на ГО.

    Високите прагови за локални референдуми ја убиваа граѓанската иницијатива (со исклучок на последните референдуми против рудниците на злато). Ниското ниво на државно/локално финансирање не беше секогаш засновано на транспарентност, компетенции и портфолија. Селективна контрола од државни институции кои немаат законски пропишани рокови кога да ја завршат истрагата ги исцрпуваше ресурсите на организациите и го дефокусира нивното работење. Сето ова не само што не го задуши граѓанско општество, туку го направи посилно од кога и да е. Оттаму, денеска предизвиците, но и можностите за зајакната улога на организациите, пред сѐ во политички ангажираното делување се јасни и се однесуваат на неколку клучни поенти.

    Учеството во процесите на создавање на политики мора да се гарантира  и унапреди

    Граѓанското општество не треба да ја минимизира улогата на државата или да се конфронтира со , туку да поттикнува политичката одговорност и квалитет на политиките и законите кои се носат. Треба да се негува културата на взаемно запознавање и препознавање со државата и приватниот сектор и градење на институционална рамка за меѓуповрзување и соработка. Оваа рамка и постои во значителна мера, но отсуствуваше политичка волја. Приоритетно, владата пред да ја преиспита одлуката за формирање на Советот за соработка помеѓу владата и граѓанското општество во насока на враќање на мнозинството во Советот кај граѓанските организации, во моментов тоа не постои. Парламентот мора да ги прецизира во Деловникот можностите за учество на организациите во неговата работа. Моментално граѓанските организации само можат, но не мора да учествува, а не се знае ниту под кои услови (критериуми, кој треба да одобри, до кога) може да учествува во пленарни и комисиски расправи за законски предлози. Мора да се прошират роковите за консултација по одреден закон, во моментов имаме само два дена да се изјасниме по одредена законска содржина.

     Пет министри одлучуваат кои организации ќе добијат државна поддршка

    Ова ќе ја гарантира целисходноста и одржливоста на граѓанското делување. Моментално, 5 министри одлучуваат за средства доделени на ГО од страна на влада, истата таа влада која покрај тоа што треба да соработува, треба да дозволи да биде и набљудувана и оценувана. Секако, треба да се зголеми државното финансирање со одлучувачко учество на граѓанските организации во негова распредела. Треба да се зголеми бројот на вклучувачки практики во програмирање на донаторските агенди како на пр. ИПА2 механизмот и нему слични.

    На крај социо-културните претпоставки во кои ГО функционира мора да се земат предвид. Дел од граѓаните немаат доверба во граѓанското општество и тоа треба да продолжи да го придобива просторот на граѓанска доверба. Македонското општество има доминанто непартиципативна политичка култура, делумно традиционални вредности (конзервативизам и религиозност), склоност кон стабилност и сигурност, наместо делување. Од друга страна граѓанското општество е доминантно лево ориентирано на спектарот на општествено политички вредности. Ова треба да си го признаеме и прифатиме преку уважување на либералните и традиционалните вредности кои нашето општество ги споделува.

    Mazedonien Fol Kunstprojekt für die Unterstützung der Bürgerrechte (DW)

    Идниот пат е секако кон негување на културата на граѓански активизам и самоорганизирање надвор од формалните политички кругови и граѓански организации, како и градење коалиции на национално и локално ниво. Мора да се јакне свеста, мотивот, знаењето и можност на граѓанинот самоиницијативно на локално ниво да презема акции за работи од јавен интерес. Успесите како оние на почетокот од овој текст ги обединуваат обичните граѓани, индивидуалните акции, формалното и неформалното организирање. Ова ќе ја направи клучната преобразба на граѓаните и институциите од корисници во наши поддржувачи. Од органските производители и сексуалните работнички до креаторите на политики и донесувачите на одлуки, зајакнатото чувство на заедничка сопственост на граѓанското општество е соучесништво кон позитивна општествена промена и заштита од идни закани за демократијата.

    Марко Трошановски е член на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле.

    Блог: Притисокот само го зајакна граѓанското општество

    Share