Институтот за демократија ќе работи на зголемување на транспарентноста за начинот на доделување на средства за граѓанските организации од страна на општините.

Преку проект поддржан од фондацијата Метаморфозис, Фондација за интернет општество и Британската амбасада во РМ, ИДСЦС во три фази ќе го анализира постоечкиот начин на програмирање и доделување на парите за поддршка на граѓанските организации од страна на општините и ќе изработи препораки за подобрување на транспарентоста во ова поле.

Проектот „Проект 463: мониторинг на трансферите до граѓанските организации на локално ниво“ се состои од сет на активности групирани во три работни пакети.

Првиот работен пакет опфаќа набљудување на степенот на отчетност и на процедурите за доделување на средства на граѓанскиот сектор од страна на општините. Активностите вклучуваат собирање и анализа на податоци од вклучените чинители во процесот на доделување на средствата;

Вториот работен пакет се состои од активности за подигнување на свеста на граѓаните и граѓанските организации за начините на кои општините одлучуваат кого ќе поддржат и транспарентноста при доделување на средства кон граѓанските организации преку спроведување на online кампања.

Третиот работен пакет предвидува подготовка на краток извештај со препораки за зголемување на транспарентноста и отчетноста на општините при доделувањето на средствата наменети за граѓанскиот сектор. Проектот ќе опфати 10 скопски општини, како и градот Скопје.

Активностите ќе се спроведуваат во период од пет месеци односно од декември 2016 до април 2017 година, со буџет во износ од 306.638 денари.